Мицкоски побара „робусна“ акција од ЕУ да се откочи македонскиот пат
„Потребна е робусна акција на ЕУ кога земја кандидат се бори со прашања од минатиот век поставени од земја членка на ЕУ“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на панел во германскиот град Диселдорф. Панелот беше дел од собирот посветен на отпорноста на германската покраина Северна Рајна Вестфалија.
Тој на Фејсбук соопшти што кажал на панелот:
Во Диселдорф учествував на самитот посветен на отпорноста во Северна Рајна-Вестфалија, каде што на панелот ‘Отпорноста како императив за севкупното општество’ истакнав дека Македонија веќе 15 години не е членка на ЕУ поради вештачки прашања. Сега се соочуваме со вештачко барање од земја членка на ЕУ, а на сето тоа може да се гледа и како на рушење на отпорноста на ЕУ, а кога постои таква дупка во системот, тогаш станува збор за ранливост на системот. Не секогаш рушењето на системот е предизвикано од оружје, туку и со други ресурси. Затоа е потребна робусна акција на ЕУ кога земја кандидат се бори со прашања од минатиот век поставени од земја членка на ЕУ“.
Тој уште додава:
„Почнавме пред 26 години, дури и пред Хрватска, која сега е земја членка на ЕУ. Се бориме за нашите права, дел сме од НАТО, целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ, ја штитиме ЕУ од нелегална миграција од членки на ЕУ, и така ќе продолжиме“.