Скопје е под најголема закана од „епидемија“ на невакцинирани деца – и не само за голема кашлица
Кога ќе се соберат сите деца што не биле опфатени со вакцини и ревакцини во 2022 година, се доаѓа до фрапантна бројка од околу 46.000 невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца
„Редовно го вакцинирам моето дете тука. Ваков метеж досега немало“, вели една од мајките додека чекаше за редовна вакцина за ќерката во диспанзерот за вакцинација во поликлиниката „Идадија“ во Скопје.
Нашата обиколка покажа дека ваков метеж за вакцина ди-те-пер досега немало никаде низ скопските вакцинални пунктови, откако градот е пред прогласување епидемија од голема кашлица, заразна болест што се сметаше за речиси искоренета и е особено опасна за бебињата.
Ред се чекаше и во поликлиниките „Букурешт“, „Јане Сандански“, „Бит пазар“…
Вакцината се прима на навршени 2, 4 и 6 месеци, со ревакцина на 18 месеци и седум години.
Досега потврдените 22 случаи и препораката невакцинираните да не се примаат во градинка ги поттикнаа родителите да побрзаат во диспанзерите. Интересот за примање на ди-те-пер, вакцината против голема кашлица, е тројно зголемен, потврдуваат лекарите.
„Не престануваат да доаѓаат. Најголемиот метеж е наутро од 7 часот, но не се намалува ни на пладне. Интересот се зголеми по најавата за задолжително вакцинирање, доколку сакаат детето да го однесат во градинка. Редовно праќаме потсетувања за примање следна доза. Но, имаме и такви кои потпишуваат изјава дека не сакаат децата да им бидат вакцинирани“, вели д-р Сирма Кировска од вакциналниот пункт во „Идадија“.
Според неа, во петокот биле вакцинирани 67 деца и тоа само со ди-те пер, а вообичаено вакцинирале по 20 деца дневно.
Лекарите стравуваат дека бројката на заболени е многу поголема од досега откриените 22 случаи.
„Затоа и Комисијата се одлучи за превентивни мерки, мислам навреме, со цел да спречиме огромно зголемување кое може да биде сериозно и да донесе проблеми какви што ги гледаме во околните земји“, смета проф. д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Додека докторите во вакциналните пунктови ги пребројуваат картоните на невакцинирани деца, извештајот на Институтот за јавно здравје за имунизацијата во 2022 година покажува дека вкупно 3.322 деца не се вакцинирани со третата доза вакцина против голема кашлица, што значи дека не се целосно имунизирани.
Најголем број (1.368 деца) се од Скопје, по што следува Куманово (910).
Тоа е последниот извештај на Инстутутот, бидејќи податоците за 2023 допрва ќе се сумираат.
„Согласно годишниот извештај за спроведена вакцинација во Република Северна Македонија во 2022 година, опфатот со примовакцинација со три дози на ди-те-пер е 83,9 отсто на национално ниво. Родителите треба да ги проверат вакциналните картончиња на нивните деца и доколку пропуштиле доза на вакцина или воопшто не ги вакцинирале, веднаш да се јават во вакциналниот пункт и да го вакцинираат детето согласно Календарот за вакцинација“, вели проф. д-р Кристина Ставридис од Институтот за јавно здравје за „Независен“.
За да се постигне колективен имунитет, опфатот треба да биде над 95 отсто.
Таков опфат во последниве години нема за ниту една вакцина. Дали тоа значи дека сме на прагот и на епидемии од други болести кои може(ле) да се спречат со редовна вакцинација?
„Големата кашлица е вакцино-превентабилно заболување и најдобра превенција од ова заболување е редовната вакцинација согласно распоредот за вакцинација даден во Календарот за имунизација. Посебен акцент е ставен на интензивирање на вакцинацијата на децата за ди-те-пер вакцинација, односно детектирање на сите непотполно вакцинирани и пропуштени за вакцинација деца и веднаш да се вакцинираат“, велат од Министерството за здравство за „Независен“.
Оттаму потенцираат дека најважно е родителите да ги проверат вакциналните картони на своите деца и ако не ги вакцинирале да ги вакцинираат, зашто тоа е најдобрата заштита од оваа болест. Ако ја пропуштиле вакцинацијата на нивното дете, да го однесат веднаш за вакцинирање за да се спречи појава на болеста.
Постои таков Catch up календар за имунизација, доколку поради некоја причина биле пропуштени некои од редовните ревакцинации.
За тековно обезбедување точни и навремени информации за вакцините креирана и посебна веб страницата е-zdravstvo.mk со потврдени и стручни информации за важноста на редовната вакцинација и други теми од областа на здравството. Таму може да се најдат сигурни информации за вакцините што се даваат во земјата според националниот календар и за болестите што може да се спречат преку вакцинација.
Согласно правилникот за имунизација, вакциналниот статус на секое дете задолжително се проверува при запишување во предучилишни установи и во училиште. Проверка на вакциналниот статус се врши со споредување на приложената документација за сите претходни имунизации, а врз основа на картон за имунизација – личен картон за извршена имунизација и согласно Календарот за задолжителна имунизација на лица на одредена возраст.
Со овој текст Независен весник се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.