Скапата енергија ја „исцеди“ Европа, но Русија ризикува да го загуби главниот извор на приход

Американските извозници се големите победници на овој конфликт, а корист од него има и Норвешка, пишува Ројтерс


Во четвртокот Путин потпиша декрет со кој им наредува на странските купувачи да го плаќаат гасот во рубли од 1 април, во спротивно ќе се соочат со прекини во снабдувањето. Ако Русија остане на ова, и тие и Европа ќе бидат во голема загуба.
Европските претставници го отфрлија ултиматумот, а во петокот портпаролот на Кремљ Димитриј Песков изјави дека тоа нема да влијае на испораките според претходно склучените договори.
Иако заканата доаѓа по врвот на побарувачката во сезоната зад нас, Европа може да загуби уште многу, особено во моменталната ситуација во која компаниите и домаќинствата во голема мера се финансиски исцрпени од високите цени на енергијата. Од друга страна, Москва потенцијално би можела да остане без еден од главните извори на приходи, пишува Ројтерс.

Минатата година Русија извезла околу 155 милијарди кубни метри гас во Европа и на тој начин обезбедила повеќе од една третина од потребите на Европа. Без руски гас, Европа може да купува гас само на спот пазарите, каде што цените се пет пати повисоки од ланските.

Австрија и Германија, кои се во голема мера зависни од тој гас, почнаа да спроведуваат планови за вонредни состојби, кои вклучуваат рационализација на потрошувачката на „сината енергија“, а слични планови имаат и други европски земји.

– Неподготвеноста на клиентите да ја почитуваат оваа наредба, доведува до ризик од прекин на снабдувањето. Поради тоа ќе се соочат со загуби и купувачите и Гаспром, изјави аналитичарот на московската брокерска куќа „Лочко-инвест“, Димитриј Полевој.
Поради недостигот на руски гас, европските земји ќе мора да се натпреваруваат со Азија за да добијат гас (во овој случај ЛНГ) од Катар или од САД, па дури и меѓусебно.

Американските извозници се големите победници на овој конфликт, а корист од него има и Норвешка, пишува Ројтерс.

Минатата недела, САД соопштија дека ќе работат на испорака на ЛНГ на ЕУ оваа година, но дека тоа нема целосно да го замени рускиот гас.

Освен што се обидуваат да добијат што е можно повеќе гас за добра цена на зафатениот пазар на гас, неколку европски земји, исто така, рекоа дека може да користат повеќе јаглен, да го продолжат животниот век на нуклеарните централи или да го зголемат производството од обновливи извори.
Прекинот на испораките на гас од Русија останува голем ризик. Со оглед на тоа дека летните месеци се пред нас, нема ризик сега да ги користат своите залихи. Меѓутоа, доколку се прекине снабдувањето од Русија, ризикот логично би се зголемил.

Од друга страна, сето тоа е ризик и за Русија, која се соочува со сериозна загуба на приходи. Според последните расположливи податоци, Русија лани заработила околу 31 милијарда долари од продажба на гас во Кина, Европа и Турција за 9 месеци.

Европските потрошувачи постојано оценуваат дека последниот руски потег е прекршување на договорот, а Гаспром ризикува да биде вклучен во арбитражни тужби во кои би бил принуден да плати огромни казни

Според аналитичарите, оваа мерка е како да си пукаат во ногата. Дури и ако самиот декрет беше дизајниран како механизам за поддршка на рубљата, тој може да биде краткотраен.

Запирањето на извозот на гас во Европа ќе ја отсече Русија од главниот извор на странска валута во време кога санкциите против Централната банка на Русија го забранија пристапот до нејзините сопствени девизни резерви во странство, според аналитичарите на Фич рејтингс, пренесува Блиц.

Европските потрошувачи постојано оценуваат дека последниот руски потег е прекршување на договорот, а Гаспром ризикува да биде вклучен во арбитражни тужби во кои би бил принуден да плати огромни казни.

Од друга страна, прашање е што ќе биде со гасот што не бил испорачан во Европа?

Претседателката на Горниот дом на рускиот парламент, Валентина Матвиенко изјави дека Москва би можела да го пренасочи извозот на азиските пазари.

Сепак, нема гасовод за транспорт на тој гас, барем засега. Гасот што се испраќа во Кина е од други наоѓалишта, кои не се наменети за Европа.

Аналитичарите исто така предупредуваат дека азиските пазари би можеле да одбијат зголемени испораки од Русија.