Скандалозна изјава на бугарски пратеник, не знаел дека микрофоните се вклучени
„Има закони и сега. Зошто си ги чешаме јазиците? Сите курви се разбудиле за да се сетат дека биле силувани пред 15 години. Како со тој американски режисер што го направија мајмун“.
Овие зборови на бугарскиот пратеник Вежди Рашидов предизвикаа бран огорченост во земјата. Од „Бугарскиот фонд за жени“ побараа оставка, а вечерта свикаа протест.
Вежди Рашидов, кој беше претседател на преходното свикување на собранието, е снимен како ги кажува неславните зборови на пауза на седницата на која се расправаше за измените на Законот за заштита од семејно насилство. Тој ги упатува во разговор со потпретседателите Никола Минчев и Росица Кирова за време на паузата, кога вообичаено не работат микрофоните во пленарната сала. Излезе, сепак, дека оние на претседателскиот пулт останале вклучени и така репликата на Рашидов се слушна во директните ТВ преноси од пленарната седница.
Малку подоцна прес-центарот на ГЕРБ излезе со соопштение во негово име: „Се извинувам за зборовите што ги кажав. Сфаќам дека јазикот што го користев беше неприфатлив, особено во актуелната дебата и момент. Уште еднаш му се извинувам на целото бугарско општество и на сите жртви на насилството“.
Шефицата на пратеничката група на ГЕРБ, Десислава Атанасова, најави дека партијата се оградува од изјавата. Подоцна, групата на ГЕРБ го повика Рашидов да даде оставки на две функции – од парламентарната комисија за култура и медиуми, каде што тој е шеф и од Извршниот комитет на партијата. Тој синоќа ги даде двете барани оставки, но партијата не побара од него да го напушти Собранието.
Неговите зборови Никола Минчев ги дефинираше како „категорично неприфатливи и недозволиви“. „Не сме имале никаков разговор“, рече тој на прашање дали е правилно Рашидов да поднесе оставка во Собранието.