Скандал во Кредит Свис – протекоа податоци за клиенти – криминалци, измамници, корумпирани политичари…


Повеќе од 18.000 сметки на криминалци, прекршители на човековите права и осудени и казнети лица протекоа од втората по големина банка во Швајцарија, Кредит Свис (Credit Suisse). Сите тие беа клиенти на банката. Информациите кои до медиумите ги доставил неименуван „свиркач“ зборуваат за сметки вредни повеќе од 100 милијарди долари.

Кредит Свис во неделата се обиде да ги намали последиците од скандалот откако неколку медиуми објавија протекување на повеќе од 18.000 сметки поврзани со криминалци, прекршители на човековите права, осудени и санкционирани лица, вклучително и диктатори.

Сите тие, според податоците објавени во медиумите, се клиенти на втората по големина швајцарска банка.

Протечените информации за сметки вредни повеќе од 100 милијарди долари дојдоа од „свиркач“ кој го сподели своето откритие со германскиот весник Зидојче цајтунг, се вели во соопштението за печатот од Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP).

Криминалци, корумпирани политичари, диктатори…

Според извештаите, клиентите на втората по големина швајцарска банка вклучувале меѓународна група клиенти „натопени“ во криминал.

Меѓу сопствениците на сметките беа јеменскиот шпионски шеф вклучен во мачење луѓе, венецуелски функционери вклучени во корупциски скандал и синовите на поранешниот египетски диктатор Хосни Мубарак. Сметките биле отворени меѓу 1940 и 2010 година, се вели во соопштението.

„Премногу често сум видел криминалци и корумпирани политичари кои можат да си дозволат да го продолжат својот бизнис како и обично, без разлика на околностите, бидејќи се уверени дека нивните незаконски профити ќе бидат заштитени“, рече Пол Раду, соработник и основач на OCCRP.

„Нашата истрага открива како овие луѓе можат да ги заобиколат прописите и покрај нивните злосторства, на штета на демократијата и граѓаните ширум светот“, додаде тој.

Додека швајцарските банки, светски познати по законите за строга тајност и заштита на клиентите, не би смееле да прифаќаат пари поврзани со криминални активности, законот во голема мера не се спроведува, пишува Њујорк Тајмс, цитирајќи го поранешниот шеф на швајцарската агенција за спречување перење пари.

Ги отфрлаат обвиненијата

Кредит Свис во неделата објави соопштение во кое „остро ги отфрла“ обвинувањата за нејзините деловни практики, пишува „Си-Ен-Би-Си“ (CNBC).

„Станува збор за историски прашања. Во некои случаи, сметките датираат од 1940-тите. Извештаите се засноваат на делумни, неточни или селективни информации извадени од контекст, што резултира со пристрасни толкувања на деловното однесување на банката“, посочува Кредит Свис во изјава.

Околу 90 отсто од протечените сметки биле затворени или во процес на затворање пред да почнат да пристигнуваат прашања од медиумите, соопшти банката. Тие наведуваат дека другите сметки се соодветно проверени.

Кредит Свис додава дека не може да коментира за поединечни клиенти и дека веќе презела чекори за да се ослободи од несоодветните клиенти.

 

Од една во друга криза

Во поголемиот дел од изминатата деценија, финансискиот гигант со седиште во Цирих минуваше од една во друга криза. Притоа, тие се помирија со нивната улога да им помагаат на клиентите во перење незаконски стекнати пари, заштита на имотот од оданочување и помагање на корупцијата.

Во 2014 година, банката се изјасни за виновна за помагање на Американците во поднесување лажни даночни пријави и се согласи да плати 2,6 милијарди долари казни и даночни поврати. Минатата година таа се согласи да плати 475 милиони долари за нејзината улога во аферата со поткуп во Мозамбик.

Во изминатите две години, извршниот директор и претседателот беа сменети, а банката беше вмешана во колапсот на финансиската компанија Гринсил, како и на американскиот хеџ фонд Архегос.

„Изговорот за заштита на финансиската приватност е само смоквин лист што ја покрива срамната улога на швајцарските банки како соработници на затајувачите на данок“, рече „свиркачот“ од Кредит Свис, според соопштението на OCCRP. „Оваа ситуација дозволува корупција и ги изгладнува земјите во развој“, се додава.