Скандал со евромонетата во Хрватска: По обвиненијата за фалсификат победникот го повлече дизајнот
Стјепан Прањковиќ, авторот на дизајнот на монетата од 1 евро, контактирал со Хрватската народна банка и соопштил дека го повлекува својот предлог. Станува збор за монета на која има куна, која, како што се испостави, е извадена од фотографија на шкотски фотограф без дозвола.
„Поттикнат од непријатната атмосфера создадена во медиумите и на социјалните мрежи, како и од притисоците на кои бев изложен во врска со мојот дизајн на реверсот на монетата од едно евро со мотивот куна, решив да го повлечам предлогот за дизајн за овој мотив и се откажувам од какви било права врз основа на учество на конкурс за мотивот на монетата од едно евро. Оваа одлука ја донесов за да не ја влошам оваа ситуација или да придонесам за понатамошни можни неизвесности“, наведе Прањковиќ во писмото.
Тој истакна дека нема намера да повреди ничии чувства и дека за тоа им се извинува на сите, „особено на Хрватската народна банка, Владата и хрватската јавност“.
Во петокот во Хрватска беа претставени најуспешните дизајни за монети на евра и центи. Како што беше кажано тогаш, монетата од едно евро ќе има мотив куна, а покрај тоа ќе стои зборот Хрватска и годината на воведување на еврото 2023, а автор на најдобриот дизајн на таа монета е Стјепан Прањковиќ, магистер на применета уметност.
Прањковиќ за тоа доби награда од 70.000 куни, но набргу потоа медиумите објавија дека фотографијата на таа монета е речиси иста како онаа на шкотскиот фотограф Иан Лич, што го отвора прашањето за повреда на интелектуалната сопственост. (Н1)