Сите во Киев, Мицкоски во Сарај!
Во главниот град на Украина треба да се усвои нова „Киевска декларација“. Македонија наводно ја поддржува Украина, но премиерот не оди во Киев
Како уште еден нож во грбот на Путин, беше искоментирана денешната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ, до неодамна најсилниот сојузник на Русија во Европа, на украинската престолнина Киев, каде што се одржува средба на ниво Украина- Југоисточна Европа.
Српските медиуми објавија видео од пристигнувањето на Вучиќ со воз во Украина и дочекот од тамошните функционери, за да разговара како да се произведе повеќе и побрзо оружје за Украина и за членството на оваа земја во Европската унија.
Од Македонија во Киев отпатува вицепремиерот за евроинтеграција Беким Сали, кој ден претходно беше на парадата за 14 јули во Париз, а нашиот премиер Христијан Мицкоски, чија влада наводно силно ја поддржува Украина, отиде на некој локален настан во Сарај, додека министерот Тимчо Муцунски на некоја бла-бла конференција за тероризам во САД. Во Киев покрај Мицкоски го нема и Румен Радев, кој беше поканет, но порача дека местото не му е таму, бидејќи забрзано промовира проруски став.
„Ова е петтиот самит Југоисточна Европа – Украина, на кој присуствувам претставувајќи ја нашата Србија. По Одеса, Атина, Дубровник и Тирана, ред е на Киев. Верувам дека ќе имаме добар самит, ќе си пружиме поддршка еден на друг на европскиот пат и ќе ја зголемиме билатералната соработка. Како и секогаш, ќе има тешки разговори за заедничката декларација на учесниците. По Париз, патував попладне и цела ноќ, низ Молдавија и централниот дел на Украина за да стигнам до Киев. Малку сум уморен, но ќе се борам и ќе ја заштитам Србија“, напиша Вучиќ на Инстаграм. Претходно во посета на Белград беше претседателот на Врховната рада (парламентот) на Украина, Рустам Умеров.
На самитот присуствуваат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високи функционери на Албанија, Молдавија, Романија, Хрватска, Словенија, Северна Македонија, Бугарија, Црна Гора, Турција и онлајн Грција. На самитот треба да се усвои нова „Киевска декларација“ што обврзува да мобилизира средства и логистика за да обезбеди воздушна одбрана.
Украина не го покани само Косово да учествува на Самитот по втор пат. Приштина не беше поканета ниту кога самитот се одржа во Одеса, ниту сега во Киев, бидејќи самата е засегната од непочитувањето на нејзиниот територијален интегритет и од непочитување на основните принципи на меѓународното право.
Една од првите што пристигна во украинската престолнина беше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Политичарката нагласи дека ова е нејзина 11-та посета на Киев од почетокот на големата руска инвазија.
Сега кога го нема Виктор Орбан , нашата политика останува разголена, а премиерот веќе нема каде да бара идеолошка поддршка контра политиките на Европската унија освен во Вашингтон и евентуално – зад сцена во Софија.