Сите 59 жртви од пожарот во Кочани починале од задушување

Кај сите 59 настрадани, причината на смртта е насилна и настанала заради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот. Кај дел од нив се пронајдени изгореници од прв или втор степен, кај тројца имаше изгореници од 4 степен, меѓутоа причината за смрт е задушување, информира денеска првиот човек на Судска медицина, Александар Станков околу обдукцијата на телата на сите починати во дискотеката.
Во текот на месец март, рече тој, очекуваме да бидат завршени сите извештаи во врска со направените обдукции. Ќе биде потребно време за токсиколошките анализи.
-Јаглерод моноксид е многу опасен гас. Смртта може да настане многу брзо, во зависност од концентрацијата. Во тој простор со таков чад, многу брзо може да настане смрт и ги онеспособува жртвите да бегаат. Неможност за движење. Според макроскопскиот наод, кај најголем дел од нив има јаглерод моноксид. Најчесто кога имаме вакви случаи, не во волкав број, зимно време имаме вакви случаи и лицата се пронајдени или во кревет или до вратата, обидувајќи се да избегаат, кажа Станков.
Околу идентификацијата на жртвите, рече тој, е само ориентациона метода и на некои места имала грешки во имињата и затоа било проверувано по неколку пати.
-За да излезе правдината и да имаме комплетен судски процес, мора да се почитуваат одредени правила. Ние тие правила ги почитуваме. Не можеме да вршиме идентификација и да одредуваме причина за смрт само со преглед. Мора да се направи комплектна обдукција, соопшти Станков.
-Доколку прашувате за повреди од пад на греди или тешки предмети, такви повреди нема. Но, повреди и скршеници на ребра и она што се задушување заради притисок што се случува при стампедо, има кај четворица. Во детали не би влегувал бидејќи не ни се завршени сите анализи. Постојат фрактури на ребра, знаци за притисок кои што довеле до задушување, додаде директорот на Судска медицина.