Симулациска вежба во Тетово по повод Неделата на сестринството
На градскиот плоштад во Тетово денеска ќе се одржи симулациска вежба по повод Неделата на сестринството, во организација на Сојузот на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија (ЗМСТАС), предводен од Здружението „ЗА НАС“ на Македонија.
Настанот, како што наведува организаторот, има цел унапредување на подготвеноста и координацијата при интервенции во итни и кризно-уредени ситуации, преку реалистична симулација на сообраќајна несреќа помеѓу моторно возило и велосипед.

Во рамки на вежбата ќе следува координирана интервенција на СВР Тетово, Територијалната противпожарна единица Тетово и Службата за итна медицинска помош при Клиничка болница Тетово.
Дополнително, ќе биде демонстрирано и постапување при настанат пожар, како и активности за справување во услови на итни состојби.
Целта на настанот е да се зајакне меѓуинституционалната соработка, да се унапреди ефикасноста на службите на терен и да се подигне јавната свест за значењето на брзото и координирано дејствување на здравствените и безбедносните институции.

Овој настан е најава за традиционалната Свечена Академија, се вели во соопштението, која ќе се одржи на 12 мај во Дом на културата во Тетово во организација на Сојузот на ЗМСТАС на Македонија предводен од ЗМСТАС „ЗА НАС“ на Македонија.