Силни турбуленции на летот на „Луфтханза“ за Франкфурт, повредени 11 лица
Единаесет лица се повредени кога авион на Луфтханза од Буенос Аирес до Франкфурт беше погоден од силни турбуленции над Атлантикот, соопшти во вторникот авиокомпанијата.
„Пет патници и шест членови на екипажот претрпеа главно полесни повреди“, изјави портпаролот на Луфтханза за Ројтерс, потврдувајќи го извештајот на новинската агенција ДПА.
„Безбедноста на летот во ниту еден момент не беше загрозена“, додаде портпаролот.
Во авионот имало 329 патници и 19 членови на екипажот
Според авиокомпанијата, на повредените им била укажана помош откако авионот безбедно слетал на закажаната дестинација во вторник во 10:53 часот.
Боингот 747-8 превезувал 329 патници и 19 членови на екипажот. Турбуленциите беа краткотрајни и се случија во зоната на интертропска конвергенција, соопшти авиокомпанијата.
Во мај, еден патник почина од срцев удар, а 30 други беа повредени кога патнички авион на Singapore Airlines падна во „воздушен џеб“ над Иравади во Мјанмар.