Сиљановска пак бара гаранции од ЕУ, сега во механизмите на Унијата

Според претседателката, државата добро одела напред, но корупцијата е најголемиот проблем


 

Европската унија располага со механизми преку кои може да спречи блокади засновани на идентитетски прашања, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во емисијата „Само интервју“ на Канал 5. Таа пак нагласи дека Македонија се залага за решение што би ја спречило билатерализацијата на евроинтегративниот процес и повтори дека нема сигурност за ново вето од земја членка. Како и премиерот претседателката вели дека дека Унијата може да воспостави правила според кои евроинтеграцијата нема да се попречува поради прашања што не се поврзани со критериумите за членство.

„ЕУ има механизми, интерпретативни мислења во кои ќе каже дека не може да се блокира евроинтеграцијата, не за нас, туку воопшто на кандидатите, доколку причините лежат во идентитески прашања, доколку не се врзани за критериумите за напредување и оценување во рамките на ЕУ“, рече Сиљановска.

Има само протоколарни средби со бугарскиот премиер Румен Радев, но Сиљановска во тоа гледа простор за интензивирање на дијалогот и за барање заеднички решенија.

„Ја ценам дури и пристојноста, Радев беше стабилниот елемент во државата. Сигналите се дека треба коректно да се однесуваме едни кон други, да се сослушаме“, рече претседателката, иако Радев неодамна изјави дека нема зошто да се среќава со премиерот Христијан Мицкоски кога францускиот предлог е документ на ЕУ, а не договор меѓу двете држави.

Откако помина „супер вторникот“ во ЕУ кога меѓувладини конференции одржаа Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија (а Македонија сега никој не ја споменува) Сиљановска вели дека сега ќе го чекаме 30 септември, кога првпат Европската комисија ќе излезе со извештај за новата стратегија за проширувањето.

„Јасно е дека ние сме подготвени да го фатиме чекорот со оние што се на прагот (Црна Гора и Албанија) и затоа не сакаат да нè остават да назадуваме за да го материјализираме овој реформски зафат кој го правиме“, рече претседателката. За да го фатиме чекорот прво треба да се направат уставните измени.

Според неа, државата со владата во последниве две години се движи добро, но дека корупцијата останува најголем проблем. А и партизацијата.

„Нашата најголема болка беа и останаа корупцијата и криминалот. Тоа е факт. Партизацијата и политизацијата сè уште се силни. Каде што има партизација и политизација, лесно успева корупција и криминал. Нам ни требаат силни институции и слаби поединци бидејќи институционално треба да се решаваат проблемите“, рече Сиљановска-Давкова.