Силјановска е продолжувач на политиките на Иванов, вели Бојан Маричиќ
Вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓунардона соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, во интервју за Слободен печат изјави дека нема разлика меѓу Гордана Силјановска-Давкова и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, бидејќи тие се заговорници на една иста политика. Според Маричиќ, Стево Пендаровски го вратил кредибилитетот на институцијата претседател на државата.
„Не заборавајте дека кога Стево Пендаровски дојде на функцијата, институцијата претседател на државата беше урнисана од претходниот претседател Ѓорге Иванов. Интересно е што сега, ВМРО-ДПМНЕ повтoрно ја предлага Силјановска, која ги изгуби изборите пред пет години и која во суштина е наследник на политиките на Иванов. Вие имате објава каде што таа вели дека ќе потпишела амнестија на насилниците од 27 април, знаеме дека Иванов го одбележа својот мандат со онаа срамна аболиција. Исто така да не заборавиме дека Гордана Силјановска-Давкова беше потписник за поддршка на кандидатурите на Иванов и во 2009 и во 2014 година. Силјановска е продолжител на ликот и делото на Иванов и мислам дека никој од нас не сака да се повторат тие два темни мандати“, истакна Маричиќ.
Тој додаде дека изборот на Пендаровски за втор мандат значи избор на стабилен претседател кој точно знае каде ја води државата и нема да отстапи од правилните принципи, а при тоа ќе се грижи за сите граѓани.
Според Маричич, заблудите на ДПМНЕ скапо сме ги платиле во минатото и ако „зборуваме веќе за вистинска љубов кон својот народ и татковината треба да бидеме искрени кон својот народ и татковината и да кажеме дека со заблуди и со лажни планови нема да ги донесеме нашите граѓани на подобро место. Напротив, нема подобра точка од оваа на која што сме сега“.