Силјановска даде заклетва со неуставното име на Македонија (ВИДЕО)
Помогнете им, пратеници витези, на жените да го изразат тоа што не можеле досега, порача Силјановска во обраќањето
Новоизбраната претседателка Гордана Силјановска- Давкова даде заклетва денес пред пратениците со што официјално ја презеде функцијата од нејзиниот претходник Стево Пендаровски. На инагурацијата присуствуваа претставници од сите партии, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, екс-претседателот Ѓорге Иванов, но не и Бранко Црвенковски.
Обраќањето Силјановска го посвети на жените при што порача дека со користење и на тој ,како што рече, педесет процентен потенцијал на интелигенција, ум и убавина Македонија ќе стане пристојно место за живеење.
Во обраќањето, како и во заклетвата, таа го употреби неуставното име на Македонија, поточно само зборот „Македонија“, нешто што јасно порачаа од Атина дека со внимание ќе го следат. Со овој гест таа практично обезбеди уште едно вето за Македонија во ЕУ.
„Моите зборови се во битка со емоциите. Сѐ уште не ми се верува дека добив ваква доверба од 56о.000 граѓани. Единствениот кој тврдеше дека ќе се случи тоа е Христијан Мицкоски, а јас одговорив, не е можно, на што тој одговори дека не е професор за уставно право туку математичар и тоа се случува кога ќе има хармонија меѓу математиката и емоциите, рече Силјановска дочекана со гласен аплауз од досегашната опозиција.
Таа нагласи дека ќе го почитува парламентот, дека ќе ги заборави лошите моменти и ќе ги помни само добрите, пред да порача дека ќе биде претседател и на левата и на десната страна, дека ќе биде претседател на сите граѓани и нема да прави разлика ни по еврска, ни по етничка, ни по полова или било која друга разлика.
Нарекувајќи ја новодобиената функција најголема што ја имала во животот, таа порача дека ќе стори сѐ да ја оправда.
„Време е за единство и затоа им се обраќам на жените. Единството е женска филозофија – ние жените се грижиме не само за себе, туку и за останатите. Првите честитки за функцијата ги добив од жени“, рече Силјановска споменувајќи ја претседателката на Словенија и тоа дека вчерашниот роденден го прославила со амбасадорката на САД во земјава, дека први ѝ честитале Дорис Пак, колешките од Венецијанската комисија, од универзитетите, а како што тврдеше поддршка и дале и пратеничките на СДСМ.
Суптилно таа најави дека ќе избегнува вето на одлуките што ќе се носат во Собранието што ќе ги предлага идната влада што ја поддржа неа, преставувајќи го тоа како женски начин за правење компромис.
„Во ова Собрание законите ќе ги читам и ќе укажам на женски начин дека не мора да дојде до вето туку дека во обраќањето може да дојде до некои корекции“, најави Силјановска, додавајќи потоа дека е среќна што од оваа функција може да инспирира и други жени со порака – ако можам јас да бидам претседателка, можете и вие.
Како и во кампањата, таа направи спој меѓу двете истории што ги делеа Македонците во минатото и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Овие држави не ја бранеле само комитите туку и комитките, не само партизаните туку и партизанките“, рече таа споменувајќи ги Сирма Војвотка и партизанките Вера Циривири-Трена, Вера Јоциќ и Ибе Палкуќа.
„На Балканот е сѐ уште жив патријархатот, а силните жени може на поинаков начин да ги решаваат проблемите, цврсто верувам во тоа. Многу храбри жени и умни жени сум видела во овој парламент, но се чудев зошто ги нема на највисоки позиции, зошто немаме жена премиер, жена претседател, жена претседателка на Собрание. И еве, се случи и тоа… Политиката најчесто беше не уметност на можното туку кој кога и како добива. Нас нѐ немаше на врвните функции. Ние можевме да ја развиваме политиката како уметност на неможното. Убаво звучи дека зад успешни мажи стојат силни жени, но еве ќе кажам дека и зад успешни жени стојат прекрасни мажи како мојот сопруг“, рече Силјановска.
Таа потоа по вторпат го опсипа со фалби Мицкоски, бидејќи ѝ укажал доверба, иако претходно не го познавала и, како што рече, за првпат го видела 2019 на телевизиските екрани.
„Јас довербата ќе ја оправдам. Добив шанса да бидам опкружена со многу жени, волонтерки без кои немаше да ја издржам кампањата. Жените околу мене не беа само Македонки, ниту мажите само Македонци. Тоа самите го видовте, затоа бев толку релаксирана. Таков ќе биде и мојот кабинет ама првиот и основен критериум ќе биде стручноста и компетентноста, а потоа било која друга припадност“, рече Силјановска.
Во тој стил беше и нејзиното обраќање понатаму со клучна порака дека ние како општество мора да ја феминизираме политиката и тоа како обврска кон мажите, бидејќи така ќе им помогнеме.
„Многу би сакала да направиме чекор напред во оние 42 проценти. Не случајно држава е во женски род, политика е во женски род, демократија е женски род и Македонија е во женски род. Помогнете им пратеници витези на жените да го изразат тоа што не можеле досега. Ветувам дека ако го направиме тоа сите ќе бидете горди на Македонија, како што сум јас на мојот народ. Така ќе се европеизира и ќе ги надминеме балканските поделби“, резимираше Силјановска.
Таа го спомена заради баланс и екс-премиерот Димитар Ковачевски кој, како што рече не и честитал само преку социјалните мрежи туку и се јавил лично и ѝ посакал успешна работа. Тоа ѝ дало надеж дека Македонија ќе стане пристојно место за соживот на сите и дека така ќе се охрабрат (да се врата) и младите, што ги посочи како втора болка.
„Ајде да се обидеме да исчекориме, ајде да смениме во политиката нешто, која сега е како арена. Има шанса за сите нас. Затоа, да имате разбирање за моите говори, за мое вето, за моите предлози, за мојата меритократија во политиката бидејќи тоа е владеење на правото, а владеење на правото, место владеење на малкумина е тоа што ќе ја направи оваа држава европска“, порача на крајот Силјановска.
Фото:Б. Грданоски