Сиљановска бара од Гир да преговараме со ЕУ според Копенхашките критериуми
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го примила шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир. На средбата таа се заблагодарила за упатените честитки од челниците на Европската Унија по повод нејзиното стапување на функцијата и изразила подготвеност за целосна соработка со делегацијата на ЕУ во Скопје во однос на пристапниот процес на државата, истакнувајќи ја значајноста на делегацијата како своевиден координатор на активностите на ЕУ во земјава.
Претседателката посочи на нејзината подготвеност да придонесе во градењето единство за прашања од национален и државен интерес и да придонесе кон обезбедувањето на политички и општествен консензус по однос на реформската агенда и усвојувањето на закони за кои е предвидено европско знаменце, со цел да се избегне неговата злоупотреба, што беше нотирано и од самата ЕУ во изминатиот период.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ.Во тој контекст, таа посочи на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на Копенхашките критериуми“, стои во соопштението за средбата.