Силен земјотрес го погоди северниот дел на Филипините
Земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала синоќа го погоди северниот дел на Филипините, соопшти Геолошкиот институт на САД (УСГС).
– Очекуваме материјална штета, изјави сеизмологот Чарм Виљамил.
Земјотресот што се случи во 22:59 часот по локално време во близина на градот Долорес бил почувствуван и во главниот град Манила, кој е оддалечен повеќе од 330 километри.
Персоналот на Меморијалната болница Маријано Маркос со 200 кревети во градот Батац, на околу 60 километри од епицентарот, ги евакуираше пациентите. На фотографии објавени на социјалните мрежи се гледаат урнати тавани во некои болнички соби.
Во јули, земјотрес со јачина од 7 степени во истиот сектор предизвика лизгање на земјиштето во планинска област при што загинаа 11 лица, а стотици беа повредени.