Од највисоките функционери на ФБИ побарана оставка или ќе бидат отпуштени


Вашингтон – Од високите функционери на американското Федерално истражно биро (ФБИ) е побарано да поднесат оставка или да се повлечат од нивните челни позиции во Бирото или ќе се соочат со отказ, изјавија три неименувани добро информирани извори за Си-Би-Ес.

Извори рекоа дека високи функционери во седиштето на ФБИ се одговорни за надгледување на врвните приоритети на бирото, како што се прашањата за националната безбедност и сајбер безбедноста. Си-Ен-Ен беше првиот што ја објави веста. Разрешувањето на високи функционери доаѓа додека кандидатот на американскиот претседател Доналд Трамп за директор на ФБИ, Кеш Пател, беше сослушан пред Сенатот, кој треба да го потврди неговото назначување.

Пател за време на сослушувањето изјави дека ФБИ под негово раководство нема да бара одмазда против противниците на Трамп или да покренува истраги за политички цели. Пател на Комитетот за правосудство на Сенатот изјави дека нема да има политизација во ФБИ, пренесе АП.

Демократите во Сенатот претходно изјавија дека Пател не е способен да работи како директор на ФБИ, наведувајќи го неговото верување во теориите на заговор и неговата лојалност кон Трамп. Сослушувањето на Пател во Сенатот започна во четвртокот.

Сослушувањето започна со момент на молк за загинатите во сударот на патнички авион на Американ ерлајнс и воен хеликоптер Блек Хок во близина на Вашингтон, јавува Си-Ен-Ен. Претседателот на Комитетот за правосудство на Сенатот, Чак Грасли, рече дека Пател, доколку биде назначен, ќе треба да ја врати „довербата на јавноста“ во бирото.

Пол Абот, кој се очекуваше да го замени досегашниот директор на бирото, Кристофер Вреј, претходно поднесе оставка од ФБИ.