Шведска повторно ја отвора истрагата за Џулијан Асанж за силување
Шведските обвинители објавија дека повторно отвораат истрага за обвинението за силување против Џулијан Асанж.
Обвинителите ја прекинаа истрагата во 2017 година, бидејќи не беа во можност да ја продолжат затоа што Асанж престојуваше во амбасадата на Еквадор во Лондон. Тие тогаш рекоа дека истрагата може да биде повторно отворена ако ситуацијата се промени.
Асанж (47) минатиот месец беше отстранет од амбасадата, по седум години во неа, откако владата на Еквадор го повлече својот азил. Тој беше уапсен поради прекршување на условите за кауцијата.
Адвокатот на една од жените вклучени во шведските обвинувања потоа побара продолжување на истрагата. Асанж се соочува и со истрага за второ обвинение поврзано со секс, која беше прекината во 2015 година. Тој ги негираше двете обвинувања.
Веднаш по неговото апсење во април, американските власти поднесоа барање за негова екстрадиција во случај поврзан со објава на доверливи воени и дипломатски документи на Викиликс.
Во САД го обвинуваат дека заговарал со поранешниот разузнавачки аналитичар Челзи Менинг да даунлодира доверливи бази на податоци. Обвинението против него носи казна затвор до пет години.