Швајцарскиот претседател пристигна во Скопје


Претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан, претпладнево пристигна во Скопје во рамки на својата официјална посета на земјава. На скопскиот аеродром го пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан, и министерот Тимчо Муцунски / Фото: Фејсбук
„Утрово, со највисоки воени и државни почести, го пречекав претседателот Пармелан, кој заедно со неговата сопруга престојува во официјална посета на земјава, на покана на претседателката Гордана Силјановска-Давкова“,пишува Муцунски во објава на Фејсбук.

Според шефот на македонската дипломатија, посетата на швајцарскиот претседател е потврда за одличните билатерални односи меѓу двете земји и можност за нивно натамошно продлабочување.

Според агендата, претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан, денеска треба да се сретне со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која со највисоки државни и воени почести ќе го пречека во својот кабинет во Вила „Водно“. Потоа имаат тет-а-тет средба и средба помеѓу делегациите, по што Сиљановска-Давкова и Пармелан ќе одржат заедничка прес-конференција.