Швајцарија во паника поради царините на Трамп. Претседателката и министерот итно заминуваат за САД


Швајцарската претседателка Карин Келер-Сутер и министерот за економија Гај Пармелин летаат за Вашингтон во вторник за да се обидат да го избегнат воведувањето на американски царини од 39 проценти што треба да стапат во сила во четврток.

Швајцарија беше шокирана во петокот од одлуката на администрацијата на Трамп да воведе некои од највисоките царини во светот за увозот во САД.

Претставниците на индустријата предупредија дека мерките би можеле да намалат десетици илјади работни места, објави Ројтерс.

Царините треба да стапат во сила во четврток, давајќи ѝ на Швајцарија само краток временски период да избегне мерки што би го загрозиле нејзиниот извоз во САД, најголемиот пазар за лекови, часовници, машини и чоколадо.

Келер-Сутер и Пармелин ќе одржат разговори со американски претставници за „подобрување на царинската состојба за Швајцарија“, соопшти Федералниот совет, швајцарската влада.

Сè уште не е познато со кого точно ќе се сретне и дали претседателот Доналд Трамп е меѓу нив.

Владата во Берн во понеделник изрази подготвеност да им даде „попривлечна понуда“ на САД со цел да избегне царини од 39 проценти.

Советот одржа вонреден состанок и објави дека е подготвен да преговара и по истекот на рокот во четврток, 7 август.

Не беше откриено какви отстапки е подготвена да направи европската земја за да ја омекне американската одлука, но беше објавено дека не разгледува контрамерки.