Швајцарија и Македонија ги поврзуваат и двете несреќи, во Кочани и Кран Монтана, рече Ги Пармелан
Ова е историски ден не само за мене туку и за сите нас во државата бидејќи претседател на Швајцарија е во прва официјална посета на нашата држава – истакна денеска претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по разговорите со претседателот на Швајцарија, Ги Пармелан.
Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека денешната посета на Пармелан значи дека тој на Западен Балкан му придава големо значење, од една страна, и како што рече, „тоа е поттик за македонско-швајцарските односи“. Таа посочи дека Швајцарија е инспирација во поглед на демократијата, како и дека има развиена партиципативна политичка култура, развиена локална самоуправа, форми на директна демократија, од кои може да се учи.
„Се работи за еден успешен пример на мала федеративна повеќејазична држава, во која разликите се надминуваат со знаење, со граѓански капацитет, со компететност и, се разбира, со постојана активност. Констатиравме дека бележиме напредок во дијалогот. Мирот и безбедноста ни се главните заложби и многупати сум рекла дека за малите држави, решението е мултирателаризмот, а тој вирее во стабилните меѓународни институции“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателот на Швајцарија, Пармелан, изрази жалење што долго време се чекало за првата посета на Швајцарија во Северна Македонија, но, како што рече, може да се гледа и на оваа посета како на знак за добар развој на односите во неколку одминати години.
„Швајцарија и Северна Македонија се земји обележани со долгогодишна традиција на фурикултуралност. Ние исто така сме поврзани и со Кочани и Кран Монтана. Поврзани сме и со овие две несреќи. Сакам да ве потсетам и да ѝ се заблагодарам на Северна Македонија поради солидарноста и великодушната понуда на помош и солидарност. Таа солидарност ни даде сила да ги надминеме овие страшни трагедии. Досега нашите билатерални односи биле одбележани со програмата за соработка на Швајцарија и присуството на силната дијаспора од Сверна Македонија во Швајцарија, која ја засилува културната разноликост во мојата земја“, рече Пармелан.
Претседателот на Швајцарија истакна дека е среќен и чест му е што оваа соработка може да се продлабочи во делот на економијата, инвестициите и иновациите. Потенцираше дека Швајцарија придава огромна важноста на мирот и стабилноста во Западен Балкан.