Што значи „Син екран на смртта“ со кој денеска беа пречекани компјутерските корисници ширум светот
При стартување на компјутерот, денес многумина ги дочека син екран со порака за грешка.
При стартувањето компјутер со оперативен систем Виндоус (Windows), многу деловни компјутери добија предупредување за проблеми на позадина на син екран. Овој феномен е познат како Синиот екран на смртта (BSoD), т.е. Blue Screen of Death, кој се појавува на компјутерите со Виндоус со децении. BSoD се прикажува во случаи кога се појавуваат сериозни проблеми со оперативниот систем на „Мајкрософт“ што предизвикуваат неочекувано исклучување или рестартирање на компјутерот. Во овој случај, како што објаснуваат безбедносните експерти, компјутерите вклучени во проблемот не можеле да се стартуваат, туку постојано се рестартирале, па работата на нив не била возможна.
Приказот на синиот екран на смртта може да се појави од хардверски, но и од софтверски причини, а BSoD е присутен на персоналните компјутери уште од тест верзијата на Виндоус 1.0, додека пошироката јавност се запозна со терминот во 1998 година за време на претставување на новата верзија на на Виндоус.
Во средината на април истата година, Мајкрософт го објави Виндоус 98, верзија на неговиот компјутерски оперативен систем која сè уште не беше завршена. На презентацијата присуствуваа и тогашниот извршен директор на компанијата Бил Гејтс и неговиот помошник Крис Капосела. Тој сакаше пред голема публика да ја демонстрира опцијата за поддршка за plug and play, односно едноставно и брзо поврзување на надворешни уреди со компјутери. За време на демонстрацијата, тој го поврзал скенерот со компјутерот, а компјутерот автоматски требало да го препознае новиот уред.
Но, наместо брзо да го препознае уредот, на екранот се појави син екран на смртта. Јасно е дека на Гејтс и Капосела не им било удобно, но се насмеале, а публиката целата ситуација ја проследи со аплауз. Гејтс се извлече велејќи дека оваа грешка мора да е причината зошто тие сè уште не го испорачуваат Виндоус 98.
Оние кои се малку повозрасни мора добро да се сеќаваат на таа легендарна сцена и ситуација на која медиумите, како и корисниците, често се навратуваат секогаш кога се појавуваат проблеми со Виндоус, како денес.
На најновите верзии на Виндоус, синиот екран на смртта не е толку честа појава, но повремено може да се појави во случај на големи проблеми со компјутерот.