Што вети Орце Ѓорѓиевски пред скопјани, освен чистење на отпадот


 

Орце Ѓорѓиевски е нов градоначалник на Град Скопје, па сега треба да почне со остварување на предизборните ветувања.

Тој досега беше  градоначалник на Кисела Вода и претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), функција која веројатно и понатаму ќе ја задржи, како градоначалник на Скопје.

За победата во Скопје уште синоќа рече дека  не победил само тој, туку дека победило Скопје.

Ако победило Скопје, односно неговите граѓани, тогаш Ѓорѓиевски треба да се зафати со остварување на своите предизборни ветувања, а меѓу главните очекувања на жителите е да се исчисти Скопје и сликите со преполни и прелеани контејнери никогаш повеќе да не се повторат во Скопје.

За да се случи тоа, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ треба да се консолидира, односно да се обнови возниот парк за собирање на сметот, редовно да се набавува гориво, да се сменат садовите низ целиот град и да се стават повеќе, но и вработените во претпријатието конечно да се фатат за работа, а за тоа редовно да земаат плата. Ова претпријатие има нов директор од пред некој ден, откако претходниот беше спроведен во притвор, токму заради несобирање на ѓубрето. 

Меѓу најгласните верувања на Ѓорѓиевски беше и оптимален јавен градски превоз. Покрај плановите околу Скопје да профункционира и железничката линија од Драчево до Ѓорче Петров, која со децении постои, но не функционира, скопјани очекуваат уште деновиве да се стабилизира градскиот превоз, па барем автобусите на ЈСП и оние приватните да пристигнуваат на време, според возниот ред. За набавка на нови автобуси секако ќе треба да почекаме уште барем една година. 

Кои се другите поглавни ветувања на Ѓорѓиевски за Скопје за мандатот кој му претстои?

Ѓорѓиевски вети дека ќе се пушти во употреба подземната сообраќајница кај „Лимак“ што ја ветуваа и Арсовска, Шилегов и Трајановски. За тоа да се случи потребна е изградба на два кружни тека на почетокот на и на крајот на сообраќајницата, а за да почне нивната изградба треба да се иселат бараките на комјутерскиот центар на македонски железници на почетокот на „Водњанска“, што уште не е направено.  Дополнително Ѓорѓиевски ветува дека и улицата „Даме Груев“ ќе стане булевар, иако со години постои проблемот со зградата на „Макотекс“, за која пак вели дека има решение. 

Ѓорѓиевски најави културен дом „Есма Реџепова“ и голем стадион во Шуто Оризари.

Вети бесплатен оброк за секој средношколец и наградни патувања во Европа за првенците на генерација.

Тој сака и дискотеките да ги извади на периферијата, младите брачни двојки да бидат 100 % ослободени од комуналии ако градат куќа.

Најави и  итна изградба на нов, модерен луна парк, наменет за сите генерации.

– Ова нема да биде само простор со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност. Луна паркот ќе биде пристапен за сите. И за лицата со попреченост, со вграден систем за безбедност, видео – надзор и прва помош. Ќе создадеме место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, локации за културни настани и улична уметност. Всушност, Скопје ќе добие нова атракција што ќе го подобри туристичкиот имиџ на градот, подвлече Ѓорѓиевски.

Паралелно со тоа, најави дека ќе ја започнат и целосната обнова на Зоолошката градина – Скопје, дека ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените, најави предизборно Ѓорѓиевски.

Очигледно е дека новиот градски татко ќе има полни раце работа уште првиот ден по преземањето на функцијата, кое се очекува да се случи деновиве. Од бараките на Град Скопје ќе замине досегашната градоначалничка Данела Арсовска, која пред четири години седна на градоначалничкото столче со поддршка токму на партијата на Ѓорѓиевски, ВМРО-ДПМНЕ.