Што се случува со здравјето на Трамп? Мистериозното отсуство поттикна шпекулации

Трамп со изморен изглед беше фотографиран во понеделникот како ја напушта Белата куќа, упатувајќи се кон својот голф клуб во Вирџинија


Доналд Трамп со изморено лице ја напушта Белата куќа и оди во неговиот голф клуб во Вирџинија (Фото: АФП)

 

Претседателот Доналд Трамп треба да даде мистериозно „соопштение“ по деновите на интензивни гласини околу неговото здравје.

Шпекулациите беа раширени низ социјалните медиуми откако Белата куќа го објави дневниот распоред на Трамп за вторник. Закажано за 14 часот, во известувањето пишува: „ПРЕТСЕДАТЕЛОТ дава соопштение“, но не се дадени други детали.

„Дејли бист“ пишува дека тоа доаѓа откако Трамп со изморен изглед беше фотографиран во понеделникот како ја напушта Белата куќа, упатувајќи се кон својот голф клуб во Стерлинг, Вирџинија, по долгиот викенд во кој здравјето и отсуството на 79-годишникот беа во голема мера актуелни на социјалните медиуми.

Помошниците на Трамп инсистираат дека објавата нема да се однесува на здравствен проблем или неговото пензионирање, според „Плејбук“ на американското издание на „Политико“. Во извештајот се наведува дека објавата на Трамп всушност ќе се фокусира на одбраната, иако не се откриени дополнителни детали.

Алармантна слика од Трамп, без неговиот препознатлив портокалов сјај, била прегледана над 13 милиони пати на Икс до понеделникот вечерта.

Претседателот беше фотографиран како се враќа од неговата голф партија во понеделникот, сè уште изгледајќи уморен, поттикнувајќи шпекулации за тоа што би можел да објави во вторник.

Постојаните модринки на претседателот на двете раце, кои се обиде да ги прикрие, плус стратешката поставеност за да ги скрие испакнатите глуждови за фотографии од Белата куќа, ги натераа гласините да се шират во текот на викендот. Бројните неодамнешни ментални гафови на Трамп, исто така, не помогнаа.

Шпекулациите достигнаа врв кога новинарката Лаура Розен го истакна отсуството на Трамп од јавноста за време на викендот за Денот на трудот. Корисниците на социјалните медиуми дури тврдеа дека можеби починал.

Модринките на рацете на Трамп за време на неговите средби во Белата куќа

До сабота наутро на Икс беа објавени околу 158.000 објави со хаштагот #TRUMPISDEAD и 42.000 со #TRUMPDIED. Шпекулациите растеа бидејќи претседателот, кој немаше закажано јавни појавувања за долгиот викенд, одржуваше некарактеристична тишина, пишува „Дејли бист“.

Последното јавно појавување на претседателот беше на 26 август на состанок на кабинетот, каде што можеше да се види неговата модринка во раката.

Во саботата, новинарите го забележаа како оди на голф во Вирџинија со неговата внука, Каи.

Трамп покажа доказ за живот на својот профил на Truth Social во текот на викендот со низа објави, почнувајќи од сè побизарни слики генерирани од вештачка интелигенција, па сè до неговите пофалби за камената конструкција во Градината со рози во Белата куќа.

Во неделата, претседателот директно се осврна на дебатата за неговото здравје, објавувајќи дека „НИКОГАШ НЕ СЕ ЧУВСТВУВАЛ ПОДОБРО ВО СВОЈОТ ЖИВОТ“.

Додека долгиот викенд на Трамп исполнет со голф беше обележан со неговите случајни објави на Truth Social, обично отворениот претседател не се појави во медиумите, а не беа објавени ниту официјални фотографии од неговите голф игри.

Здравјето на Трамп стана главна тема на разговор во јули. По повторливата модринка на раката и забележително отечените глуждови, претседателот беше подложен на медицински преглед.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, претходно тврдеше дека модринката на раката се должи на честото ракување на Трамп и употребата на аспирин.

Таа појасни во јули: „Во последните недели, претседателот Трамп забележа благ оток во долниот дел од нозете“, што заклучи дека тој страда од „бенигна и честа состојба“ наречена хронична венска инсуфициенција.

На својата платформа за социјални медиуми Truth Social, Трамп објави фотографија од голф партија со поранешниот рагби тренер Џон Груден. „Одлично е да се игра голф со Џон Груден – навистина фин човек и вистински лик!“, напиша тој во неделата.

Сепак, објавувајќи на Икс, луѓето истакнаа дека сликата е стара една недела.

Отсутниот Трамп отпоздравува во понеделникот по партијата голф

Травис Акерс, пензиониран разузнавачки офицер на американската морнарица, напиша: „Јас не сум човек со теории на заговор, но ако се борите против растечките гласини дека можеби сте претрпеле тежок медицински настан и за да ја побиете таа гласина и да дадете доказ за живот, објавувате слика од наводно играње голф со Џон Груден денес, би било корисно да објавите слика што не е од 23 август“.

Политичкиот консултант Фред Велман напиша: „Ова е лудо. Претседателот на Соединетите Американски Држави очигледно лаже за своите активности, а недостатокот на љубопитност од страна на медиумите е зачудувачки“.

Потпретседателот Џ.Д. Венс изјави за „УСА Тудеј“ минатата недела: „Се чувствувам многу уверен дека претседателот на Соединетите Американски Држави е во добра форма, ќе го отслужи остатокот од својот мандат и ќе направи големи работи за американскиот народ. Тој додаде дека претседателот е во „неверојтно добро здравје“ и има „неверојтна енергија“.

Шон Барбабела, лекарот на претседателот, напиша во меморандум во јули: „Претседателот беше подложен на сеопфатен преглед, вклучувајќи дијагностички васкуларни студии. Беа извршени билатерални доплер ултразвуци на вените на долните екстремитети и открија хронична венска инсуфициенција, бенигна и честа состојба, особено кај лица над 70 години“.

Трамп направи некои понижувачки грешки оттогаш, вклучително и заборавањето на името на океанот и непрепознавањето на претседателот на Финска кога седеше спроти него на критичните разговори за Украина во Белата куќа, иако двајцата се другари за голф. Пред средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, претседателот постојано изгледаше како да заборава дека таа е дел од Соединетите Американски Држави.