Што се гради во срцето на Европа? Вреди 34 милијарди евра и ќе го промени континентот


Бидејќи ЕУ сè повеќе инвестира во реновирање и модернизација на транспортната инфраструктура, Полска станува клучна алка во идната транспортна мрежа што би можела да го редефинира начинот на кој луѓето патуваат во Европа. Амбициозниот проект на таканареченото Централно комуникациско пристаниште (ЦКП), вреден 34 милијарди долари, треба да стане голем европски транспортен центар – по воздушен, железнички и патен сообраќај. Ова е најголемата инвестиција во инфраструктура во историјата на Полска.

Во текот на 1990-тите, започна изградбата на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), со цел поврзување на целиот континент преку пат, железница, воздух и вода во единствен и одржлив транспортен систем. И Полска, со својата стратешка позиција во срцето на Европа, полека ја зазема централната позиција на тој план. До средината на следната деценија, Европа би можела да добие еден од најмодерните и најамбициозните транспортни центри во светот – во Полска.

Само 40 километри западно од Варшава, во досега претежно рурална област, се гради огромен транспортен центар – ЦКП – вреден 34 милијарди евра, кој ќе опфаќа воздушен, железнички и патен сообраќај. Проектот опфаќа површина од повеќе од 2.600 хектари (двојно поголема од лондонскиот аеродром Хитроу), што го прави најголемиот инфраструктурен проект во историјата на земјата, со капацитет за повеќе од 40 милиони патници годишно во првата фаза и можност за проширување до дури 100 милиони, пишува TheB1M.


Нов аеродром
Главниот аеродром во Полска – Варшавскиот „Шопен“ – веќе работи со ограничен капацитет. Во текот на 2023 година, прими рекордни 21 милион патници, и иако е планирано капацитетот да се прошири на 30 милиони до 2029 година, постојат значителни ограничувања. Покрај физичкиот простор, аеродромот има и забрана за ноќни летови, што дополнително ги попречува плановите на националната авиокомпанија LOT за проширување на нови пазари на долги релации.

Покрај тоа, повеќе од 300.000 луѓе што живеат во областа Шопен имаат големи проблеми со бучавата и сообраќајните метежи. ЦКП ќе биде изграден на таканаречената гринфилд локација, каде што 90 проценти од куќите веќе се купени преку програмата за доброволно стекнување. Се проценува дека бучавата од новата локација ќе влијае само на околу 20.000 луѓе – што е 15 пати помалку отколку на сегашната локација.

Брз воз низ Полска за 100 минути
Но, ЦКП нема да биде само аеродром. Тоа ќе биде центар на Y-линијата – систем на брзи возови што ќе ги поврзува клучните полски градови: Варшава, Лоѓ, Вроцлав и Познањ, но исто така ќе продолжи кон Чешка и балтичките земји преку железничкиот коридор „Рејл Балтика“. Целта е да се овозможи патување низ Полска за 100 минути.

Y-линијата е веќе во изградба и го вклучува најдолгиот железнички тунел во земјата (4,6 км), ископан под градот Лоѓ. Брзите возови ќе сообраќаат со брзина од 320 км/ч, а почетната точка ќе биде новиот аеродром ЦКП.

На овој начин, не само регионите во Полска ќе бидат подобро поврзани, туку и Западна и Источна Европа.

Како ќе изгледа новиот мега-транспортен центар?
Дизајнот е на „Фостер + Партнерс“, во соработка со градежната компанија „Буро Хаполд“. Се очекува новиот сообраќаен центар да може да опслужува помеѓу едно и две лица секоја секунда, 24 часа на ден, во текот на целата година. Ќе има две паралелни писти долги 3,8 километри, оддалечени 2,5 км една од друга, како и железничка и автобуска станица – сите поврзани во интермодален центар што ќе овозможи брз и лесен трансфер.

ЦКП ќе биде подготвен за проширување од самиот почеток – неговата модуларна архитектура овозможува флексибилно проширување во зависност од растот на побарувачката.

И покрај сето ова, веднаш до сообраќајниот центар ќе бидат изградени два нови „града“ – на западниот крај од ЦКП, Карго сити, логистички центар за складирање товар – и на источниот крај, Airport City, комерцијална зона со канцеларии, хотели и трговски центар.

По промената на владата во Полска во 2023 година, новата влада нареди ревизија на проектот, со што се договорија нови рокови за проектот – првата фаза треба да биде завршена до 2032 година. Покрај тоа, дополнителни 650 милиони долари ќе бидат инвестирани во нова автопатска крстосница што ќе обезбеди пристап до ЦКП.

Но, сè уште е нејасно што ќе се случи со аеродромот „Шопен“. Се очекува патничкиот сообраќај постепено да се пренасочува кон новиот аеродром, додека стариот веројатно ќе добие поинаква намена со текот на времето.