Што облече првата дама на аудиенција кај папата Франциск : Црн костим како спој на традицијата со современ дизајн
Црн формален костим со долги ракави, креација на дизајнерката Лидија Георгиева, и вел со кој се покрива главата, избра првата дама, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска на официјалната посета на Ватикан, по повод чествувањето на денот на Свети Кирил и Методиј во Рим.
– Со внимателен пристап за почитување на строгите протоколи за дрескод на аудиенцијата кај Папата, сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска носеше црн формален костим со долги ракави и вел со кој се покрива главата. Костимот е збогатен со стилизиран вез инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, коj датира од 16ти век. Со стремеж за продолжување на традицијата во спој со современ дизајн, врвната естетика и духовен мир кои ги зрачи одбраниот елемент, заедно со комплицираноста на дизајнот на мотивот, значат креативен предизвик, но и огромна почит кон културното наследство, ни изјави ексклузивно за „Независен“ Георгиева, професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и реномирана модна дизајнерка, со богато модно портфолио кое го има создавано меѓу Париз и Скопје.
Како поддршка на локалното производство, повторно се работеше со домашни изведувачи, а за изработка на овој вез е користена компјутерска технологија.
-Од посебно значење е и симболиката вметната во везот на велот, во кој е содржана реченицата „ Зарем сонцето не нè грее сите“, испишана на глаголица. Ова е референца на настанот во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. … „Човече, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа“? А ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог – еврејски, елински и латински“. Кирил на тоа им одговорил: „ Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? …“, вели нашата позната дизајнерка.
Дружбата со првата дама започнала пред неколку години и постепено прераснала во прекрасно пријателство.
-Одтогаш таа е верна публика на моите ревии, но и на ревиите на студентите на ТМФ. Како сопруга на претседателот на РСМ, се појави неколку пати во дизајни кои ги конципирав ексклузивно, а секој од тие дизајни носи посебна приказна, соодветна на настанот, вели Георгиева. (Л.С.)