Што ќе значи за македонските банки збогувањето со ЛИБОР референтната камата

Анализите на Народна банка покажуваат дека укинувањето на каматните стапки ЛИБОР не треба позначајно да се одрази врз активностите на домашните банки


 

Македонските банки, како и другите финансиски институции на крајот на годинава ќе мора да се збогуваат со ЛИБОР, референтната каматна стапка што со децении се користеше за одредување на цената на финансиските инструменти и од 1 јануари да преминат на нов начин на пресметување на меѓусебните должничко доверителски односи. До ваква драстична промена во светските финансии доаѓа откако пред неколку години беше откриен голем скандал кој покажа дека повеќе меѓународни банкарски групации манипурилале, односно ги местеле каматните стапки во своја полза.

ЛИБОР (The London Inter-Bank Offered Rate или Лондонската меѓубанкарска понудена стапка) е дневен просек од она што банките велат дека би го наплатиле за да си позајмат една на друга. Се нуди во пет валути и во различни временски периоди, до една година, објаснуваат банкарите. Исклучувањето на ЛИБОР значи дека сите инструменти кои ја имаат таа стапка ќе мора да се префрлат на алтернативна стапка од почетокот на наредната годината. Што ќе значи тоа за банките во нашата земја и дали се подготвени за оваа промена?

Од Народната банка велат дека од самиот почеток активно ги следат новините во реформите на водечките референтни каматни стапки и ефектите од овие промени врз домашните банки.

Најмногу кредити и депозити се во денари или во евра

„Нашите анализи покажуваат дека укинувањето на каматните стапки ЛИБОР не треба позначајно да се одрази врз активностите на домашните банки. Всушност, очекуваме ефектите да бидат минимални што се должи на многу малото и речиси незначително учество на овие договори во активностите на домашните банки“, велат од Народната банка.

Имено, како што додаваат, кај домашните банки најголем дел од кредитите и депозитите со променливи каматни стапки се или во денари или во евра, вклучително и денарски со евро клаузула.

Кредитите на домашните банки со променливи каматни стапки коишто зависат од каматната стапка ЛИБОР учествуваат со околу 0,1 отсто во вкупната актива на банките

За договорите во денари како референтна каматна стапка се користи некоја од референтните каматни стапки на домашниот пазар, додека договорите во евра или во денари со евро клаузула се врзани за каматната стапка ЕУРИБОР. Ова се каматни стапки кај коишто нема промени со актуелните реформи, појаснуваат од Народна банка.

„Кредитите на домашните банки со променливи каматни стапки коишто зависат од каматната стапка ЛИБОР учествуваат со околу 0,1 отсто во вкупната актива на банките. Договорите врз основа на овие кредити зафаќаат околу 0,2 отсто од вкупниот број на договори на банките за кредити со променлива каматна стапка која зависи од некоја од референтите каматни стапки на меѓународните финансиски пазари. Кај депозитите, речиси и да нема вакви договори“, велат од НБ.

За сите договори со каматни стапки за кои е предвиден датум на престанок, домашните банки се во процес на усогласување на договорите, односно спроведуваат т.н. ефикасна транзиција кон новите референтни каматни стапки.

„Ние сме во комуникација со домашните банки и очекуваме целиот процес непречено да се спроведе и заврши, со почитување на меѓународните начела и препораки и начелата за заштита на потрошувачите“, нагласуваат од Народната банка.

Едни од најважните и најсложени реформи

Од таму за Независен објаснуваат дека реформите на референтните каматни стапки, кои изминатите десетина години се актуелни на меѓународните финансиски пазари, се едни од најважните, најобемните и најсложени реформи во оваа сфера. Тие беа поттикнати од глобалната финансиска криза којашто значително ги промени финансиските пазари, како и поради документираните случаи на обиди за шпекулирање кај некои од водечките референтни каматни стапки. Целта на реформите е зачувување на кредибилитетот и репрезентативноста на референтните каматни стапки со оглед на значењето што тие го имаат како основа за утврдување на променливите каматни стапки во финансиските договори.

Во контекст на домашните банки е важно што каматните стапки ЕУРИБОР ќе продолжат да се применуваат и по истекот на 2021 година

„Како резултат на реформата, некои од водечките референтни каматни стапки наскоро ќе престанат да се објавуваат и ќе се заменат со нови референтни каматни стапки, коишто беа развиени во претходниот период. Таков е примерот и со референтните каматни стапки што се базираат на ЛИБОР, кои нема да бидат репрезентативни во периодот по 31.12.2021 година. Станува збор за референтни каматни стапки ЛИБОР за британската фунта, швајцарскиот франк, еврото и јапонскиот јен, за сите рочности, и за американскиот долар, во рочните сегменти на 1 недела и 2 месеци. Датумот на престанок на објава за останатите рочности на ЛИБОР стапките за американски долари е поставен на 30.6.2023 година. Од друга страна, што е особено важно во контекст на домашните банки, е што каматните стапки ЕУРИБОР, ќе продолжат да се применуваат и по истекот на 2021 година, со оглед дека овие каматни стапки беа соодветно реформирани и се сметаат за усогласени со ЕУ регулативата во овој домен“, посочуват од Народната банка за Независен.

Во одговорот на нашето прашање што ќе се зема сега како основа/репер за каматите на кредитите што ги добиваме од меѓународни институции, како и за сите други кај кои до сега основа беше оваа референтна каматна стапка, од Народна банка појаснуваат дека во процесот на транзиција кон новите референтни каматни стапки, ќе се земат предвид насоките од соодветните работни групи во одделните јурисдикции, задолжени за реформирање на референтните каматни стапки (на пример Working Group on Euro Risk-Free Rates; Working Group on Sterling Risk-Free Reference Rates; Alternative Reference Rates Committee; National Working Group on Swiss Franc Reference Rates; Cross-Industry Committee on Japanese Yen Interest Rate Benchmarks, итн.), при што прифатени алтернативни референтни каматни стапки се следниве:

– SOFR (Secured Overnight Financing Rate) за USD, замена за LIBOR за USD,

– SONIA (Sterling Overnight Index Average) за GBP, замена за LIBOR за GBP,

– TONAR (Tokyo Overnight Average Rate) за JPY, замена за LIBOR за JPY,

– SARON (Swiss Average Rate Overnight) за CHF, замена за LIBOR за CHF.

Окривање на скандалот

Инаку, според информациите кои што неодамна ги објавија светските агенции, вредноста на лепезата на финансиски инструменти, од хипотекарни и корпоративни заеми до деривати, во кои базата е ЛИБОР достигна 265 билиони долари на почетокот на оваа година. Од тоа околу 80 отсто се однесувале на деривати и инструменти кои минуваат низ клириншки куќи, а остатокот на корпоративни заеми, хипотеки и обврзници.

Скандалот, пак, беше откриен во 2012 година, но се претпоставува дека местењето траело од 2003 година или уште порано

Ројтерс објави дека банките и регулаторите ќе ја поминат новогодишната ноќ пред своите екрани за да не тргне наопаку исклучувањето на ЛИБОР. Според консултантската компанија Оливер Вајман, банките потрошиле околу 10 милијарди долари за да се подготват за тој настан.

Од блиското опкружување, деновиве Хрватската народна банка соопшти дека не очекува никакви проблеми со транзицијата, како и дека останале околу една милијарда куни кредити поврзани за ЛИБОР. На локалниот пазар, најголемиот дел од кредитите и заштедите со променлива каматна стапка се поврзани со националната референтна стапка (NRS) Euribor, каде што нема промена. Во Хрватска останале и мал број заеми поврзани со CHF Libor, со вкупна вредност од околу 300 милиони куни, како и заеми во вредност од околу 650 милиони американски долари поврзани со USD Libor, соопшти Централната банка на Хрватска.

ЛИБОР беше создаден во 1969 година во Лондон за време на синдицирањето на заем од 80 милиони долари на иранскиот Шах, кога требаше да се утврди цената на тој заем.

Скандалот, пак, беше откриен во 2012 година, но се претпоставува дека местењето траело од 2003 година или уште порано. Deutsche Bank, Barclays, Citigroup, JPMorgan Chase и Royal Bank of Scotland учествуваа во ова за да ги направат своите трговски позиции попрофитабилни.