Што ако Македонија не е „премала“ за успех, туку доволно мала за брзи промени? – Глигор Бишев во РАСТговори
Еден од најеминенетните македонски економисти, Глигор Бишев во новата епизода на специјалот „РАСТговори“ од серијалот „Што го врти светот?“ порачува дека развојот не се случува преку ноќ. Според него, економскиот напредок не е спринт, туку маратон во кој се потребни знаење, верба, дисциплина и континуитет. Македонија, вели тој, премногу често почнува одново, наместо да го надградува она што веќе е создадено.
„За жал, ние на секои четири до пет години, наместо да вградуваме нови цигли, го менуваме ѕидот, почнуваме нов ѕид“, вели Бишев, нагласувајќи дека за вистински развој се потребни договор, истрајност и работа што не зависи од еден изборен циклус.
Темите кои што се опфаќаат се може ли мала економија како Македонија да игра во европска и светска лига? Што им недостасува на младите за да останат, создаваат и успеат дома? И дали успехот е прашање на пари, идеи, знаење – или истрајност? Во разговот со Бишев се зборува и за економскиот развој, конкурентноста, европската интеграција и нејзиното влијание, иновациите и иднината на младите во Македонија.
Една од главните пораки е дека Македонија не треба да ја гледа својата големина како слабост. Напротив, според Бишев, малите економии можат побрзо да ги препознаваат проблемите, полесно да се договараат за приоритети и побрзо да ги спроведуваат потребните промени. Токму затоа, вели тој, Македонија има потенцијал да биде поагилна, поконкурентна и поуспешна.
Во разговорот се отвораат и прашањата поврзани со европската интеграција. Бишев ја гледа ЕУ не само како политичка цел, туку како економска и развојна можност. Според него, исполнувањето на европските стандарди во животната средина, инфраструктурата, образованието, институциите и економијата не треба да се прави само „за ЕУ“, туку затоа што тие промени ја прават земјата подобра за живеење.
Посебен акцент е ставен на младите. Многу млади луѓе имаат идеи, енергија и амбиција, но често им недостасува поддршка за да ги претворат тие идеи во реални проекти. Бишев посочува дека со добро менторство, подобра подготовка и разбирање на ризиците, шансите за успех значително се зголемуваат.
Епизодата испраќа јасна порака до младата публика: не мора секој успех да почне надвор од Македонија. Потребни се повеќе знаење, повеќе храброст да се проба, повеќе доверба во сопствените идеи и повеќе поддршка за оние што сакаат да создаваат тука.
„Клучно е да веруваме, да знаеме дека можеме, да се храбриме меѓу себе. Не е страшно некој пат да не се успее, битно е да се проба“, порачува Бишев.
Во епизодата се зборува и за улогата на приватниот сектор, инвестициите, иновациите и македонските компании кои веќе покажуваат дека домашни производи, услуги и идеи можат да бидат конкурентни и надвор од земјата. Примерите покажуваат дека Македонија веќе има луѓе и компании кои размислуваат глобално, создаваат квалитет и се натпреваруваат на меѓународни пазари.
За младите кои размислуваат дали својата иднина да ја бараат дома или надвор, Бишев потсетува дека движењето на луѓето е дел од глобалниот свет. Но, целта треба да биде Македонија да создаде економија во која можностите, приходите и перспективите ќе бидат доволно силни за еден ден повеќе луѓе да сакаат да дојдат, отколку да заминат.
„Оваа епизода е повик за повеќе амбиција, повеќе истрајност и повеќе верба дека Македонија може да биде мала земја со големи резултати“, порачуваат од тимот кој што го подготвува поткастот.
Целата епизода е на следниот линк: РАСТговори | Мала земја, голем економски потенцијал | Глигор Бишев