Штипски средношколци со розови маици маршираа низ улиците против врсничкото насилство

Средношколците од Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“ денеска маршираа низ улиците по повод Денот на розевата маица, кога се крева гласот против врсничкото насилство. Тие во розеви маички маршираа до Основното општинско училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“ во Штип, а во оваа активност ги вклучија и учениците од ова училиште, кое е и најголемо во Општината.
Лилјана Манова, професорка во СОУ „Коле Нехтенин“-Штип рече дека целта на денешниот марш е да се намали врсничкото насилство, односно булингот меѓу учениците во училиштата.
-Денеска во нашето училиште се организира еден настан по повод денот на розеватаа маица или ден кога се подига гласот против училишното насилство. По тој повод нашата ученичка заедница организиравме настан, изработивме хамери и заедно до училиштето „Ванчо Прќе“ ќе направиме еден марш низ улиците, изјави Манова.
Средношколците појаснија дека денеска е Меѓународен ден за борба против врсничкото насилство откако ученик во деветто одделение во Канада, доживеал насилство во училиштето, затоа што носел розова маица.