Штип почна со доставување на проекти за искористување на парите од вториот повик за унгарскиот заем

Општина Штип почна со доставувањето на проектите кои ќе се финансираат преку вториот повик на Владата со средствата обезбедени од унгарскиот кредит. Секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова-Ангелова денеска изјави дека на Штип му се на располагање околу 400 милиони денари, или околу 6,5 милиони евра од вториот повик, со кои ќе се реализираат осум капитални проекти.
Таа истакна дека оваа седмица ќе се поднесат апликациите за два проекти, односно за паркот во близина на бања Кежовица, како и за изведба на нова улица во централното градско подрачје. Посочи дека како што ќе пристигнуваат дозволите за градба, така и ќе ги доставуваат апликациите до ресорните министерства.
-Во текот на оваа недела Општина Штип ќе аплицира со два проекти, односно изградба на парк во близина на бања Кежовица покрај коритото на река Брегалница, а другиот проект е изведба на улица која ќе ги поврзува улиците „Тодор Коларов“ и „Мирче Ацев“. Општината ќе аплицира и со втора фаза од завршување на обиколницата или изградба на мост на обиколницата, изјави Шорова Ангелова.
Во низата проекти се наоѓаат и поставувањето на СКАДА системот преку кој ЈП „Исар“ ќе може да ги контролира загубите на вода и кражбите на вода. Најголемиот капитален проект е уредување на влезот во градот, односно доизградба на булеварот „Гоце Делчев“ од Кампус 4 до кружниот тек.
-За обезбедување на постојан проток на вода Општина Штип ќе аплицира и со проект за изградба на резервоар во близина на Филтер станицата, рече Шорова Ангелова.
Во текот на овие денови се очекува да стартува и изградбата на обиколницата од населбата Железничка до бањата Кежовица, проект кој се финансира преку првиот повик на Владата со средства од унгарскиот заем.