Штедачите на Еуростандард банка бараат поддршка од партиите, но не сакаат нивната мака да се политизира
Штедачите во Еуростандард банка ќе побараат поддршка од партиите застапени во Собранието да се заложат за решавање на проблемот, но истовремено апелираат нивната мака да не се користи за меѓусебни обвинувања.
Тие вчера имаа средба со премиерот Зоран Заев, придружуван од Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата за економски прашања.
„На состанокот заедно ја разгледавме ситуацијата во која ние како штедачи сме оштетени и ги споделивме нашите барања за итно решавање на овој проблем со кој што се засегнати голем број на физички и правни лица, и воедно споделивме некои од проблемите со коишто се соочуваат и ќе се соочуваат оштетените граѓани, физички и правни лица, по пропаѓањето на Еуростандард банка, доколку не се реши нашиот проблем“, велат од Иницијативниот одбор на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
Состанокот, како што нагласуваат, поминал во конструктивна атмосфера и Премиерот Заев ги уверил дека сите предлози ќе бидат разгледани од страна на институциите и дека ќе се бара решение се со цел да трпат последици граѓаните и фирмите.
„Иницијативниот одбор ја поздравува отвореноста на премиерот Заев и на Владата со цел изнаоѓање решение на овој проблем и исто така најавуваме дека следните денови ќе побараме од сите парламентарни партии поддршка за решавање на овој проблем во кој сме инволвирани без наша вина“, велат претставниците на штедачите. „Ги повикуваме сите политичките партии и другите релевантни субјекти да не поддржат во разрешување на нашиот проблем во најскоро можно време и да не ја користат нашата мака за меѓусебни обвинувања, туку напротив сите заедно да се ангажираат во изнаоѓање праведно решение за нас“, додаваат од Иницијативниот одбор.
Исто така ги замолуваат сите заинтересирани оштетени физички и правни лица кои досега не се имаат зачленето во Здружението да пратат апликација за членство во Здружението на оштетени штедачи на ЕСБ на следната емаил адреса: [email protected] и заедно да се фокусираат на изнаоѓање решение со кое никој нема да биде оштетен, се вели во соопштението од Иницијативниот одбор на Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.