Шоле не донесе црна листа, Ковачевски реферирал за високите случаи на корупција

Во изјавата што ја даде по средбата со Шоле, Ковачевски рече дека таа темата за црна листа воопшто не била спомената од високиот гостин од САД


Димитар Ковачевски и Дерек Шоле (Фото: Б. Грданоски)

 

Високиот советник во Стејт департментот, Дерек Шоле, не разговарал со премиерот Димитар Ковачевски за црната листа која наголемо се најавува кај нас, иако двајцата имаа тет-а-тет средба, пред да почнат билатералните разговори на делегациите.

Во изјавата што ја даде по средбата со Шоле, Ковачевски рече дека таа тема воопшто не била спомената од високиот гостин од САД, иако дел од темите за коишто разговарале беше и борбата против корупцијата и владеењето на правото. Според Ковачевски, на средбата се разговарало и за енергетската криза, европските интеграции, за потребата да продолжат реформите и за уставните измени што треба да се случат кај нас, за претседавањето со ОБСЕ  и за соработката со САД за да се зајакнат судскиот и правосудниот систем и владеењето на правото во земјата.

Притоа Ковачевски му ги преставил на Шоле високите случаи на корупција што се покренати во Македонија и некои  напредоци во судството, бидејќи според негова оценка, не е сѐ црно во оваа сфера.

„Не разговаравме за тимот за спроведување на санкции и за тоа што имаат работено во Скопје. Разговаравме за сите конкретни чекори што ги презема Владата при што јас го информирав за сите законски решенија што се донесени или се подготвени за да се унапредат судскиот и правосудниот систем. Нашето уставно уредување предвидува дека судската власт е независна и задачите што ги има како надлежност Владата, како обезбедување соодветен буџет и унапредување на инфраструктурата , сето тоа го обезбедува. Разговаравме и за сите унапредувања што се направени во судскиот и правосудниот систем изминатите години, со оглед на тоа дека имаме постигнато зголемена ефикасност во судството, зголемени перформанси во борбата против криминалот и корупцијата и тоа особено на високо ниво, со оглед на тоа што постојат голем број на случаи на вакви случаи кои се адресирани од нашите органи“, рече Ковачевски пред новинарите, најавувајќи нова материјална и експертска поддршка. 

Тој додаде дека се договориле да се засили соработката со САД околу борбата против корупцијата и владеењето на правото, дека средбата била исклучително позитивна и дека веќе договориле нов состанок во првата половина од оваа година на кој ќе се разговара за Стратешкиот дијалог и во тие рамки и за оваа тема.

Фото: Б. Грданоски

Околу уставните измени премиерот рече дека Шоле ги поддржал не само таа туку и сите одлуки што ќе следат до зачленувањето во Европската унија, бидејќи на таа тема секогаш сме имале поддршка од САД и бидејќи не постои друга алтернатива на таа стратешка определба, како што беше и влегувањето во НАТО.

За случаите што биле држани во фиока во Апелацискиот суд, а се поврзани со делата на Сашо Мијалков, Ковачевски рече дека не е тој надлежниот што треба да дава оценка или да казнува бидејќи судството е независно, посочувајќи дека прв одговор за тоа треба да се бара од преставник на тој судскиот орган. „Таму каде што Владата има ингеренции ќе постапи според своите можности“, рече тој.

Премиерот Ковачевски на советникот на Стејт департментот Шоле му подари дрес од македонската репрезентација со неговото име. Инаку, американскиот гостин не даде изјава пред новинарите и веднаш замина за следната дестинација, Косово.

На новинарско прашање по посетатата на компанијата „Пекабеско“, тој дополни дека борбата со корупцијата е активност што ја спроведуваат САД во рамки на стратегијата на  американскиот претседател, во која се точно наведени активностите коишто се преземаат во
однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата како во САД така и во држави коишто се нивни партнери, како што е и Северна Македонија.

„Ние сме земја партнер на САД и таа црна листа, односно листа за санкции е насочена токму кон лица коишто работат спротивно на практиките на добро владеење, меѓутоа и коишто го попречуваат патот кон целосно демократско општество во државите партнери на САД, а кај нас се однесува на интеграција во ЕУ, владеењето на правото и целосното владеење на демократијата во државата. Американските истражители беа во државава, меѓутоа нивната работа  во предвид ја имаат американските органи со коишто ние сме практично во партнерски односи и со кои имаме стратешки дијалог, подвлече Ковачевски.