Шокантни предвидувања на лекарите за повредата на Вон: „Првата цел е да се спаси нејзината нога“


 

Американската скијачка легенда Линдзи Вон (41) може да претрпи доживотни последици по сериозната повреда здобиена за време на спустот на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина д’Ампецо.

Во интервју за француските медиуми, истакнатиот ортопедски хирург д-р Бертран Сонери-Коте од центарот Санти во Лион, специјалист за повреди на коленото кој оперирал бројни врвни спортисти во текот на својата кариера, направи загрижувачка проценка на состојбата на познатата Американка.

„За жал, мислам дека ова може да биде повреда што е премногу за неа“, рече докторот, осврнувајќи се на фотографиите што Вон ги објави на Инстаграм.

Иако операциите беа успешни, поставувањето на надворешен фиксатор, голема метална конструкција на левата нога, покажува дека фрактурата не може целосно да се поправи.

„Засега е привремено решение. Повредата е исклучително сериозна и ќе ѝ предизвикува проблеми со месеци, а можеби и до крајот на животот“, нагласи тој.

Според него, станува збор за вид на фрактура што најчесто се среќава кај сериозни сообраќајни несреќи, особено кај мотоциклистите.

За врвните спортисти, овој вид повреда е меѓу најтешките можни, бидејќи бара постојан медицински надзор и невозможно е да се дадат рани прогнози само неколку дена по операцијата.

„Кога се поставува надворешен фиксатор, тоа значи дека коската не може целосно да се реконструира. Или имало голем оток, или коската била практично згмечена. Тоа е како да се состави сложувалка – исклучително комплицирано“, објасни докторот.

Вон веќе има титаниумска протеза во десното колено, што дополнително ја комплицира ситуацијата. Иако експертите верувале дека е можно да се настапи со руптуриран преден вкрстен лигамент додека носи ортоза, ризикот бил огромен.

„Федерацијата на САД ѝ дозволи да се натпреварува. Тоа беше голем ризик, но таа беше свесна за тоа“, рече Сонери-Коте.

Според сегашниот план, Вон е под строг надзор. Таа веќе имала трета операција за да се спречи обилно крварење, некроза и инфекција.

Откако ќе ја напушти критичната фаза, ќе бидат поставени плочи за повторно склопување на коската, но роковите се сосема непредвидливи. Ќе поминат месеци пред таа да може нормално да оди.

„Нејзината моментална цел е да ја спаси ногата и повторно да оди. Засега не се зборува за враќање на врвното скијање. Со вакви повреди, за жал, во најтешките случаи, може да се случи и ампутација“, заклучи францускиот стручњак.