Шји Џинпинг ја престави Кина како предводник на глобалното управување со вештачката интелигенција
Кинескиот претседател, Шји Џинпинг, денеска го претстави Пекинг како предводник во создавањето на нов глобален поредок во областа на вештачката интелигенција, повикувајќи ги земјите да ја искористат технологијата со отворен код и најавувајќи поголема поддршка за земјите во развој.
Говорејќи на отворањето на Светската конференција за вештачка интелигенција (WAIC) што се одржува во Шангај, Шји изјави дека вештачката интелигенција претставува „ретка и историска можност“ и предупреди дека нееднаквиот пристап до таа технологија може да доведе до „нови историски неправди“.
Неговото обраќање беше најдиректната досега порака дека Кина има амбиција да влијае врз глобалните стандарди и правила за развојот на вештачката интелигенција, при што моделите со отворен код ги претстави како глобално јавно добро.
„Вештачката интелигенција е технологија со значење споредливо со пронаоѓањето на парната машина и електричната енергија“, изјави Шји, додавајќи дека Кина е подготвена да споделува технологија и експертиза со земјите од глобалниот Југ.
Кинескиот претседател истовремено повика системите за вештачка интелигенција да останат под човечка контрола и предупреди на ризиците од автономни системи кои би можеле да избегнат надзор. Тој повика на создавање механизми за рано предупредување и брза реакција во случај на кризни ситуации поврзани со таа технологија.
Шји ја истакна и улогата на Светската организација за соработка во областа на вештачката интелигенција (WAICO), иницијатива предводена од Кина, на која во четвртокот и се приклучиле 29 земји. Според него, организацијата претставува важен чекор кон поголемо учество на земјите во развој во глобалното управување со вештачката интелигенција.
Кина најави и обуки за вештачка интелигенција и создавање центри за соработка со земјите од групите БРИКС, АСЕАН, Латинска Америка и Африканската унија.
„Пораката на Шји е јасна – Кина нема да следи никого ниту во технологијата на вештачка интелигенција, ниту во создавањето стандарди, туку сака да го предводи светот во двете области“, изјави Џорџ Чен, претседател на одделот за дигитални технологии во консултантската компанија „The Asia Group“.
Конференцијата во Шангај што до 20 јули, се одржува во момент кога Вашингтон и Пекинг се подготвуваат за првите разговори на владино ниво за вештачката интелигенција за време на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Настанот годинава добива поголемо значење, бидејќи станува тест за тоа како Кина планира да се натпреварува со САД во креирањето на глобалните правила за една од најбрзо растечките технологии.
Двете најголеми економии во светот имаат спротивставени пристапи кон регулирањето на вештачката интелигенција. САД предупредуваат дека прекумерната регулација може да ја забави иновацијата, додека Кина ги промовира своите модели со отворен код како начин за намалување на разликите во пристапот до технологијата.
На конференцијата учествуваат претставници на водечките кинески технолошки компании, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев и тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул. аб