Рајна падна на рекордно ниско ниво во Келн


Веќе исклучително ниското ниво на водата на реката Рајна во германската сојузна држава Северна Рајна-Вестфалија денеска достигна историски најниско ниво во Келн, покажаа податоците од Канцеларијата за водни патишта и пловидба на Рајна.

Ќе стане само полошо, велат метеоролозите. „Едвај можете да верувате во тоа што го гледате“, изјави Мориц Акст, портпарол на канцеларијата.

Историски најниското ниво од 56 сантиметри се очекува да се спушти на 54 сантиметри во текот на денот. До доцна во петок навечер се очекуваат 47 сантиметри, пренесе ДПА.

Пловниот пат, односно пловниот канал, е многу подлабок од нивото на водомерната летва на брегот. Во Келн, на пример, тој е за околу 1,11 метри подлабок. Бродовите можат да продолжат да пловат, но само со ограничен товар.

Нивоата на водомерните летви се очекува исто така значително да паднат до петок навечер во споредба со тековните вредности и во Дизелдорф, Емерих и во Дуизбург, каде што реката Рур се влива во Рајна.

На водомерните летви во Келн, Дизелдорф и Дуизбург, претходните историски најниски нивоа пред сегашниот сушен период датираат од 23 октомври 2018 година. Доколку се оствари тековната прогноза до петок навечер, тие стари најниски нивоа од 2018 година би биле надминати надолу за повеќе од 20 сантиметри.

Благо покачување на нивоата на водомерните летви се очекува следната недела, рече Акст, додавајќи: „Тоа сè уште не значи какво било олеснување“. Нивоата на водата на Рајна во оваа сојузна држава би останале многу ниски, рече тој