Четири топлотни бранови, црвени аларми, 20 дена пекол – Италија е во голема неволја
Се очекува дека сегашниот топлотен бран во Италија ќе биде најдолгиот од четирите што ја погодија земјата оваа година и ќе трае најмалку до 17 август, изјави денес физичарот од Универзитетот во Тренто, Лоренцо Џованини.
Тој изјави за Анса дека климатските промени влијаеле периодите на екстремна топлина да бидат подолги и почести.
Џованини изјави дека сегашниот топлотен бран во Италија ќе трае најмалку до 17 август, кога ќе се наполнат 20 дена од неговото траење.
Тој истакна дека е веројатно Италија трајно да падне под зоната на влијание на африканскиот антициклон поради климатската криза што води до топлотни бранови.
Црвено предупредување за топлотен бран моментално е во сила за 19 од 27 поголеми градови: Бари, Болоња, Болцано, Кампобасо, Катанија, Чивитавекија, Фиренца, Фрозиноне, Џенова, Латина, Месина, Неапол, Палермо, Перуџа, Пескара, Реџо Калабрија, Риека, Рим и Витербо.
Во Италија, првиот топлотен бран оваа година беше во текот на пролетта, во мај, и траеше осум до девет дена.
По 18 дена со нормални температури, следеше втор бран, кој траеше 12 до 13 дена, од 18 до 30 јуни.
Потоа следуваше уште еден период на затишје, овој пат траејќи околу една недела, а на 7 и 8 јули започна третиот топлотен бран, кој траеше 13 до 14 дена, до 20 јули.
Четвртиот топлотен бран оваа година во Италија започна на 29 јули.