Ши и Путин разговарале за продолжување на животот до 150 години
И кинескиот и рускиот претседател сега имаат 72 години. Со трансплантација на органи можело да се стигне до бесмртност, муабетеа тие во Пекинг

Кинескиот лидер Ши Џинпинг го покренал прашањето за продолжување на животниот век во приватен разговор со рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. Тие разговараа за ова прашање на пат кон плоштадот Тјенанмен во Пекинг, објави Блумберг. Разговорот беше снимен во живо. Ши рече дека „луѓето порано ретко живееле до 70 години“, а сега на таа возраст „сè уште си дете“. Путин одговори велејќи дека „благодарение на развојот на биотехнологијата, човечките органи можат постојано да се трансплантираат“ – како резултат на тоа, „луѓето ќе стануваат сè помлади и помлади, па дури и ќе постигнат бесмртност“. На ова, Ши истакна дека „според прогнозите, постои шанса да се живее до 150 години веќе во овој век“, по што камерата се исклучи.
Путин и Ши сега имаат 72 години и ниту еден од нив не ги идентификувал потенцијалните наследници. Кинескиот лидер го укина ограничувањето дека функцијата претседател на НР Кина може да се држи најмногу два петгодишни мандати, па затоа е малку веројатно дека ќе се повлече во 2027 година, забележува агенцијата. И Путин, откако четири пати беше претседател, се „ресетира“ себеси со промена на Уставот за да добие можност да владее со Русија до 2036 година. Во тоа време, тој ќе има 84 години. Просечниот животен век на мажите во Русија е 67 години. „Тајмс“ претходно напиша дека Путин посегнува по алтернативна медицина и редовно се капе со екстракт од крв од рогови исечени од живи елени, бидејќи оваа супстанца наводно има подмладувачки својства и ја подобрува потенцијата. Ден претходно, стана познато дека Русија ќе почне да испорачува елени во Кина.
Повеќето од највисоките руски функционери се на приближно иста возраст како и претседателот. Извори блиски до Кремљ изјавија за „Медуза“ дека внатрешниот круг на Путин е опседнат со продолжување на животот. Според публикацијата, минатата година еден од функционерите блиски до шефот на државата им наложил на руските научници да развијат лекови против стареење.
Путин, исто така, наредил започнување на националниот проект „Нови технологии за зачувување на здравјето“, кој се планира да чини стотици милиони долари. Во мај, вицепремиерката Татјана Голикова вети дека, во рамките на оваа иницијатива, во периодот 2028-2030 година, ќе бидат развиени и воведени „лекови што ги обновуваат клетките што стареат и нивните функции“. Изворот на „Медуза“ рече дека причината за појавувањето на проектот е „опсесијата“ на пријателот на Путин, 78-годишниот раководител на Институтот Курчатов, Михаил Ковалчук, „кој е во делириум за вечен живот“.