„Шеврон“ потврди дека ќе го прошири своето работење во Венецуела
Американската нафтена компанија „Шеврон“ денеска соопшти дека ќе го прошири своето работење во Венецуела, откако ѝ беа доделени дополнителни површини во регионот Ориноко.
Плановите за заедничко вложување предвидуваат инвестиции поголеми од седум милијарди долари во наредните пет години, како и повеќекратно зголемување на производството, на приближно 600.000 барели дневно.
Извршниот директор на „Шеврон“, Мајк Вирт, изјави дека компанијата верува оти ќе обезбеди „атрактивен раст на производството на нафта со ниски трошоци, ќе придонесе за енергетското снабдување и ќе создаде посебна долгорочна вредност“.
– Историјата на компанијата „Шеврон“ во Венецуела е подолга од еден век, а нашето проширено присуство го одразува уверувањето во големиот ресурсен потенцијал на таа земја и нејзината способност со децении да се натпреварува за инвестиции во рамките на нашиот портфолио. Со подобрените услови и дополнителните површини, го зајакнуваме портфолиото за кое веруваме дека може да обезбеди атрактивен раст на производството на нафта со ниски трошоци, да придонесе за енергетското снабдување и да создаде посебна долгорочна вредност – изјави извршниот директор Мајк Вирт.
Според Годишниот статистички билтен на ОПЕК за 2025 година, Венецуела ги поседува најголемите докажани резерви во светот, кои вкупно изнесуваат повеќе од 303 милијарди барели сурова нафта.
Саудиска Арабија е далеку зад неа, на второто место, со 267 милијарди барели.
Соопштението следуваше еден ден откако американски официјален претставник изјави дека се очекува претставниците на компанијата „Шеврон“ и министерот за енергетика Крис Рајт денеска да ја посетат Венецуела, кога новата инвестиција ќе биде официјално претставена.
Официјалниот претставник зборуваше анонимно, во согласност со правилата што Белата куќа ги утврди за тој разговор со новинарите.
„Шеврон“ е втората најголема американска нафтена компанија и единствената која има значајно присуство во Венецуела. Во таа земја работи уште од 1923 година.