Шербеџија не пее, глуми песна: Незаборавна вечер во Филхармонија со боемот и уметник
Шербеџија ѝ приреди на скопската публика вечер во која се избришаа границите меѓу сцената и гледалиштето, меѓу музиката и животот
Концертот, синоќа, во Филхармонија, беше доказ зошто го сакаме филмскиот и театарски актер, со регионална и светска слава, поет и музичар, автор на бестселери, кој во себе ги спојува холивудскиот шарм и балканскиот мангуплук, човекот кој не се дефинира себеси ниту како Србин, ниту како Хрват, туку како граѓанин на светот, зашто „мојот дом е целиот свет, јас му припаѓам на светот, мојата земја патува со мене, таа е во мене, тоа е моето искуство, јас сум за мир, за договор меѓу луѓето. Сите сме различни, а всушност сме исти“.

Раде Шербеџија, кој добро се држи за своите 80 години, облечен лежерно со неизбежниот шешир, ѝ приреди на скопската публика вечер во која се избришаа границите меѓу сцената и гледалиштето, меѓу музиката и животот. Со својот бенд Западни колодвор донесоа атмосфера на топлина, блискост и искрена емоција, каква што ретко се среќава на современите концерти.
На сцената се рецитираше врвна поезија, претежно на стиховите на легендарниот Арсен Дедиќ, па на Хус Хасанефендиќ од „Парни ваљак“, Саша Лошиќ од „Плави оркестар“, се потпевнуваа песни кои зборуваат тивко, но погодуваат длабоко – за љубовта, минливоста, сеќавањето и слободата, имаше пукната жица од виолина, танго, фрлени шешир и сако во боемски занес, наздравување со црвено македонско вино на „Тиквеш“, скршена чаша за вино, поздрави до пријатели како Џони Штулиќ и Милчо Манчевски, до сопругата, режисерката Ленка Удовички, старо-нови анегдоти од животот во Лондон и Љубљана, и специјални гости како изненадување на концертот.

Шербеџија со децении гради единствен уметнички свет во кој театарот, филмот,
поезијата и музиката природно се преплетуваат. Неговите концерти не се само музички
настапи – тие се интимни средби со публиката, приказни за носталгијата и човечката судбина, раскажани со глас што носи искуство и вистина. Раде Шербеџија дојде во Скопје (вечер и во Битола) со концерт кој го надмина класичниот музички настап и се претвори во вечер на емоции и вистина.

Први специјални гости на концертот беше новооснованата група Skopje Via со вокалот Јана Стојановска, која редовно настапува на неговите концерти во Македонија. Со нив Шербеџија неодамна ја сними песната „Кога умира љубовта“. Токму оваа песна која премиерно синоќа беше
изведена во живо , ја направија вечерта уште попосебна и единствена. Групата ја изведе и во нова верзија „Со маки сум се родила“ и уште една џипси песна.

Второ изненадување на вечерта беше настапот на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, кој со првите звуци на „Македонско девојче“ предизвика делириум во Филхармонија.
Својот настап, синоќа, во Филхармонија, Шербеџија го заврши со неговиот неизбежен класик „Не дај се, Инес“.

И, потоа на крај уште едно изненадување – на сцената се појави хорот „Кочо Рацин“. И, уште една нова изведба, заедничка, а потоа Раде се тргна на страна и ја остави публиката да ужива во уметноста на хорот.
Концертот го организираше „Баги комуникации“.
Л. Сабит