Шефот на државата не исклучува трета страна во преговорите со Бугарија


 Шефот на државата Стево Пендаровски во престојниот период не очекува некои поголеми промени во однос на спорот со Бугарија, со оглед на тоа што земјава реално во моментов нема соговорник од другата страна, бидејќи Софија се уште нема формирано Влада. На брифинг со новинарите  беше посочено дека не е исклучена можноста во преговорите да има и трета страна за да се постигне некакво решение во однос на спорот меѓу двете земји.

Пендаровски за резолуцијата за „црвените линии“ во преговорите со Бугарија, која вчера ја усвои Собранието, не смета дека е штета, туку напротив смета дека ја дефинира нашата позиција и не е воопшто навредлива, каква што е резолуцијата на бугарскиот Парламент.

Собранието вчера ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.  Резолуцијата во Собранието беше изгласана со 95 гласови „за“, а еден беше воздржан. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата, Република Северна Македонија.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека разговорите со Бугарија за изнаоѓање решение за отворените прашања и надминување на ветото за ЕУ ќе продолжат веднаш откако ќе се формира влада во Софија по предвремените избори во земјата одржани претходно овој месец.