Шар Планина сардисана од хидроцентрали


Тетово – Речиси секоја река на Шар Планина си доби своја хидроцентрала. И во недопрена природа се одвиваат градежни активности за изградба на централи уништувајќи ја природата. Последниот таков случај, според иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“, е регистриран во месноста Лешница, еден од најубавите предели на шарпланинскиот масив. За таа цел, според иницијативата, исечени се голем број дрвја, а отворени се и пристапни патишта.

Според нив, оваа централа ќе се гради на реката Пена со што ќе се изгуби биодиверзитетот и во самата река, но и во околината, затоа што водата која поминува низ овој предел е значајна за одржување пред сè на животинскиот свет.

„Тој дел од шарпланинскиот масив се подготвува за изградба на хидроцентрала. Реката ќе се носи до нивните зафати каде што ќе биде хидроцентралата и тој дел ќе биде сув. Локацијата фактички ќе биде на горната страна кон популарните Кади и долниот дел кон село Бозовце. Но ние заедно со останатите граѓански активисти нема да дозволиме да се гради хидроцентрала на ваква недопрена природа“, рече Хамди Сулејмани од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Освен на Пена, неколку хидроцентрали има изградено на реката Бистрица, а неколку неуспешни обиди за изградба на хидроцентрали имаше на Беловишка и Вратничка Река.

 

Жителите на Вратница пред пет години спречија изградба на две мали хидроцентрали, но сега стотина метри подолу на јавен тендер избрана е фирма за изградба на нова хидроцентрала.

Мештаните велат дека нема да дозволат да се изгради и новонајавената хидроцентрала.

„Вратничка река се создава од неколку притоки кои одат од Љуботен и од левата страна на Шара. Заради оваа река, ние тука живееме и од неа зависиме, вода во неа има колку за нашите потреби, а не за некои инвеститори од страна. Тука има и канал кој е изграден од римјаните, тој си има своја намена, и сега кога ќе влезат машините тука и сè ќе се раскопа, ќе се уништи шумата, ќе секне водата“, вели Ивица Михајловски, жител на Вратница.

Од месната заедница од Вратница велат дека доколку дозволеле да се изградат двете централи, сега ниту риба ниту обработлива земјоделска површина не би имале, реката би се искористила за правење струја, а со тоа само штета би претрпеле вратничани, а државата и инвеститорите не би се збогатиле многу.

„Сè е поврзано со реката, покрај неа сме се населиле, сме се развивале и сега тие централи имаат моќ од еден мегават, што е многу малку финансии за инвеститорите, а за нас уништување на цело село. Мислиме дека овие централи ги прават да нè иселат нас, малкуте жители што останавме да живееме тука“, истакнаа од месната заедница од Вратница.

Од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ решение на проблемот гледаат и во прогласување на Шара за национален парк, но оваа одлука според нив властите намерно ја одолговлекуваат со цел да се узурпира и искористи секоја педа од оваа природна убавина додека не се заштити со закон.

„Како што гледате, сè се гради набрзина на шарпланинскиот масив, а во меѓувреме се одолговлекува постапката за прогласување на Шара за национален парк за тие моќници да можат, пред сè бизнис и политичката елитата, да изградат на тоа место разни објекти, а потоа кога ќе се прогласи Шара за заштитено подрачје да имаат монопол со тие објекти и да остваруваат профит, односно ќе се богатат како и досега“, вели Сулејмани.

Но не е само шарпланинскиот масив сардисан од хидроцентралите. Жителите во гостиварското село Падалиште сè уште мака мачат со штетите што им ги нанесоа градежните активности за изградба на хидроцентралата на планината Сува Гора.

Освен што му е уништена природата, селото веќе шеста година не зело обесштетување иако му било ветено при градежните активности. Уништен е патот, а има направено и штети врз нивите.

„Договорот беше фирмата инвеститор на хидроцентралата во 2015 година, на сметка на општината да уплати над 170 илјади евра. Од тие пари 25 отсто за санирање на штети требаше да добие селото, но до денес не е исплатено ништо“, вели жител на гостиварско Падалиште.

Тие за решавање на проблемот на почетокот од месецов се обратија кај градоначалникот на Општина Гостивар, АрбенТаравари.

„Дозволата за изградба на хидроцентралата ја има издадено претходната локална самоуправа, ние немаме ништо со тоа, така што понатаму селото треба да се обрати до двете надлежни министерства, односно Министерството за животна средина и Министерството за економија“, вели градоначалникот Таравари.

Од месната заедница од гостиварско Падалиште најавија дека ако не се санираат штетите ќе преземат радикални чекори, односно ќе ја запрат работата на хидроцентралата.

Зоран Димовски