Шанса за Центар: Општината не се откажува од идејата и школските дворови да може да се даваат под наем на приватници
Oд Шанса за Центар утрово информираат дека Општина Центар не се откажува од идејата и школските дворови да може да се даваат под наем на приватници.
„Откако претходниот пат советот го отфрли предлогот да може да се изнајмуваат и дворови, скривници и игралишта во школите, а намените за кои се дава под наем просторот во школите да биде и производство, трговија и забава, сега има нов предлог. Во него останува можноста покрај спортските терени да се даваат под наем и школските дворови и игралиштата што досега не беше случај, а под намените за кои ќе може да се користат просторите исфрлени се трговијата и производството, но останува забавата, што и да значи таа во вакви околности…“, велат од Шанса за Центар.
Од таму посочија дека школските дворови и игралиштата се јавни простори кои служат не само на децата во училиштата, туку и на заедниците кои живеат околу училиштата, притоа нагласувајќи дека често овие простори биле единствените преостанати каде граѓаните од сите возрасти можеле да се социјализираат во „забетонираниот Центар“.
Исто така, порачаа дека на училиштата не им треба дополнителна комерцијализација туку солидни услови за настава.
„Да не зборуваме дека општината ги притиска училиштата со парите кои се заработуваат од изнајмувањето на просторите да покриваат режиските трошоци наместо да ги користат за развој на наставата…Цел развиен свет се обидува да ги врзе децата за спортови, нашиве се обидуваат да ги врзат сите јавни простори со приватни профити…“, се истакнува во објавата.