Шаде се враќа со нов албум по 12 години снимен во студиото на Бред Пит
Франција- Многубројните обожаватели на поп-ѕвездата со кадифен глас сигурно ќе се израдуваат кога ќе слушнат дека Шаде Аду работи на нов албум, а многумина ќе се изненадат што оваа тајна ја откри никој друг туку Бред Пит.
Британската кантавторка Хелен Фоласад Аду го издаде својот последен албум во 2010 година, па нејзиното враќање по (повеќе од) 12 години со нетрпение ќе го очекуваат обожавателите ширум светот. Шаде и бендот го снимија новиот материјал во ексклузивното студио Миравал во Коренс, Франција, а тоа музичко студио се наоѓа на имот со замок во сопственост на познатиот актер.
Бред Пит во големото интервју за Билборд го претстави новото лице на студиото по темелно реновирање, во разговорот за тоа легендарно место се споменуваат многу музичари кои таму снимале пред многу години, меѓу кои и Тил Линдеман од Рамштајн, како и одличната Шаде. Пит ја нарече „кралица“, а и актерот и неговиот музички продуцент потврдија дека таа се вратила на снимањето. Всушност, таа е првиот уметник кој снима во повторно отворениот Миравал.
„Можеше да ја почувствуваш љубовта што таа и нејзиниот бенд ја имаат кон овој простор. И кога разговаравме со уметниците кои дојдоа овде претходно, тие имаат посебна врска со Миравал што навистина не може да се објасни… Тоа е остварување на сонот што ова место е повторно активирано“, изјави музичкиот продуцент Демиен Квинтар, кој заедно со Пит го реновираа легендарното студио во Прованса.
Ова ќе биде седми студиски албум на Шаде, а во 2018 година музичарката го издаде синглот „Flower of the Universe“, кој беше објавен на саундтракот на филмот „A Wrinkle in Time“, на Ава ДуВернеј. Истата година, таа сними уште еден сингл „The Big Unknown“ за „Widows“ на Стив Меквин.
Студиото „Миравал“ беше купено од Бред Пит и Анџелина Џоли во 2012 година, а сега го води Пит заедно со младиот француски продуцент Квинтар. Имотот, замокот и винаријата Миравал добија големо внимание во медиумите благодарение на долгогодишната битка за развод.
На луксузниот имот сега има и реновирано и луксузно музичко студио, каде во минатото се снимале музички легенди и некои од најпознатите албуми: Пинк Флојд таму го снимиле својот „The Wall“, албумот The Cure „Kiss Me, Kiss Me , Kiss Me“, The Cranberries „Bury The Hatchet“ и AC/DC „Blow Up Your Video“.

