Северна Кореја изврши балистички ракетен тест за време на посетата на Блинкен на Сеул


Северна Кореја денеска лансираше балистичка ракета која паднала во Јапонското Море, информираат јужнокорејските вооружени сили.

Според последните информации, станува збор за ракета со среден дострел. Јапонската крајбрежна стража потврди дека ракетата паднала надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија.

Ова е прв ракетен тест на Северна Кореја по два месеца. Тестот беше спроведен во момент кога американскиот државен секретар Ентони Блинкен е во Сеул на разговори за севернокорејската нуклеарна закана и други прашања.

Посетата на Блинкен се одвива во време на политичка криза во Јужна Кореја, каде Парламентот го отстрани од функцината претседателот Јун Сук-јеол поради воведувањето на краткотрајна воена состојба минатиот месец.

Блинкен изрази поддршка за привременото лидерство на министерот за финансии Чои Сан-мок, нагласувајќи ја непоколебливата поддршка на САД за Јужна Кореја.