Секоја општина да има локална стратегија за туризам, од што треба да произлезе нова Национална стратегија


 

Новата пост-ковид реалност нѐ натера на ново размислување за туризмот. Досегашните стратегии треба да се ревидираат, да се надополнат и да прикажеме слика која ќе биде привлечна за туристите да ја посетат земјава, но и да посакаат повторно да дојдат. Без разлика дали станува збор за класичен туризам со престој покрај нашите езера, или дали е рурален, адреналински, авантуристички, семинарски, конгресен, посета на историски споменици или желба да се слушне некоја приказна за антички, словенски археолошки локалитети со кои изобилува земјава.

 

Во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот се во постојано размислување, осмислување, дигитализирање на нашата понуда пред посетителите и туристите и на меѓународните саеми. Годинава ја завршуваме солидно со исполнување на стратегијските цели, над 2,6 милиона ноќевања и на нешто повеќе од 400 милиона долари. Од Агенцијата нагласуваат дека е потребно охрабрување за да се изградат мостови помеѓу приватниот сектор, локалната самоуправа и централната власт.

Агенцијата ќе прави нова туристичка стратегија, потребни ѝ се локалните стратегии за развој на туризмот, но за тоа сали општините ги имаат, Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот е дециден дека секоја општина треба да има локална стратегија за туризам ако сакаме да ја развиваме националната и да привлечеме што е можно поголем број туристи.

Тој нагласува дека треба да имаме 12 месеци туристичка сезона. Иако 2020 година застанавме, наведува, туристичката индустрија работеше и веруваше во ова денеска што се случува.

– Две години се работеше на нови форми на туристичка понуда, нови атракции и велиме дека дестинацијата е поконкурентна за разлика од останатите, зашто има повеќе атракции и можности туристите да останат што подолго. Треба да одиме чекор по чекор, да ја изградиме целата индустрија, оти сега имаме нова, пост-ковид, реалност. Ако не знаеме колку сместувачки капацитети имаме, категоризирани на локално ниво во повеќе општини, тогаш како ќе знаеме што да вложиме, како да мериме и каков ќе биде импактот. Секоја општина треба да има стратегија за влијанието на туризмот во локалниот економски развој. Треба да ја направиме. Некои општини имаат, некои ја немаат локалната стратегија за туризам. Од тоа треба да произлезе државната стратегија за развој на туризмот. Ако речеме дека државната стратегија за развој на руралниот туризам завршила во 2017 година, тоа не значи дека ние не треба да работиме, вели Јаневски.

Потребно е, смета, да создадеме и туристичка инспекција, и туристичка полиција, да создадеме национална туристичка организација, бидејќи туризмот треба континуирано да се развива,

Пелагонискиот Регион нуди многу можности, може да се развива авантуристичкиот туризам. Крушево е пример, има манастири, можност за развој на руралниот туризам, има прекрасна природа, голема можност за авантуристички туризам. Агенцијата ги почна преговорите со градоначалниците.

Јаневски информира дека се водат преговори со градоначалниците што е тоа што треба да се направи во 2023 година. Ако дигитализацијата почнува од Крушево, истакна, веќе на наредниот саем ќе имаме виртуелна реалност, даунхил патеки од Пелистер на кои може со визир да бидете дел од нив, истото тоа се случува и во Крушево.

Сотир Габелоски од крушевската локална самоуправа, наглaсува дека Крушево е „ветеран“ и побара да се следат новите трендови. Констатирано е, вели, дека во Крушево условите за авантуристички, адреналински туризам се идеални.

– Во 2020 година ја почнаа новата стратегија. Таму е навреме е сфатена пораката – претходната стратигија, сама по себе, бараше да се надополни, да се надгради зашто светските, националните трендови се менуваат. Токму затоа, со Министерството за економија Крушево почна да ја изработува новата стратегија која ќе го трасира патот за развојот на градот во областа на туризмот, вели Габелоски.

Она што е битно и што содржи новата стратегија, подвлекува тој, е во Крушево да се развива адреналински, авантуристички туризам. Стратешките цели се во насока Крушево за пет години да стане државна, но и меѓународна дестинација за авантуристички, адреналински туризам. Се предвидува и одржување на тековните и развој на нови настани што ќе се движат во таа насока, подобрување, помош, соработка со угостителскиот сектор. Тука е параглајдингот, можностите за планински велосипедизам, но и авантуристички парк. Сето тоа, оценува Габелоски, е во трасирањето на долгорочниот план за развој на туризмот.

Статистиката кажува дека во Крушево годишно има 20 000 до 30 000 туристи, но не се евидентирани и не се знае колкав е бројот на туристите на дневна основа. А и сѐ уште се соочуваат со прикривање на туристичката такса.

– Ги споменавме нашите приоритети, но и адресиравме некои проблеми и потреби кои треба да влезат во националната стратегија. Меѓу другото е подобрување на регионалните, магистралните патишта, што влијае на развојот на туризмот, вели Габелоски.

Прилеп има ресурси, ги зголеми сместувачките капацитети, ама нема посебна, официјална стратегија за туризмот. Сето се дејствува во рамки на Локалниот економски развој и во културните дејности, а има можности за авантуристички туризам, за фестивалски, за манастирски. Само за податок, со години манастирот Трескавец привлекувал најголем број посетители и туристи. Непрегледната област Мариово пак остана како „започнат концепт“ за туристичка атрактивност. Освен тоа развој има планинскиот веосипедизам, болдерингот, а археолошките локалитети, меѓу кои и Стибера, па Марковите Кули, чекаат некој да им ја раскаже приказната на посетителите.

Гоце Бојкоски, советник во Локалниот економски развој во општина Прилеп вели дека последните години Прилеп ги зголеми можностите за туристичка атрактивност. Зголемен е бројот на сместувачките капацитети, на можноста да се ужива во посебностите, а не, како порано, да биде само транзит за туристите. Факт е, вели, дека недостасува посебна туристичка стратегија.

– Прилеп има стратегија, но таа е дел од стратегијата за локален економски развој. Општината нема одделение за туризам, па принудени сме така да работиме. Но, крајно време е да се формира одделение за туризам преку кое ќе може да се изготви конкретна стратегија за туризам, вработените ќе може да се обучат, да посетуваат настани и да градат развој и да го претстават Прилеп на меѓународно ниво. Ако порано Прилеп беше транзит место, последниве години има променета слика. Отворени се преку 40 сместувачки капацитети, хостели. Тоа е еден показател дека имаме сѐ поголем број посетители. Градот повеќе е посетен со негувањето на алтернативните спортови во последните 10-тина години. По тоа стана познат во светски рамки. Крајно време е во Прилеп да се отвори еден туристички камп. Тоа да биде центар за дружење и развој на туризмот, вели Бојкоски.

 

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот сметаат дека наредната година треба да ги надмине резултатите од 2019 година. Особено со Отворен Балкан, но и со потребата да бидеме многу поконкурентни на туристичкиот пазар. Затоа е неопходна новата туристичка стратегија што ќе ги опфати и локалните стратегии на општините, зашто туризмот треба да докаже дека е во петте столба на македонската економија.

– Во 2023 година треба да создадеме подобри резултати од 2019 година. Сега со Отворен Балкан „дома ни е дома“ со 12 милиони туристи. Треба да бидеме конкурентни со нашите балкански партнери, Србија и Албанија, да понудиме за да бидеме конкурентини и во регионот, па и во Европа. Мора да имаме нова стратегија, нов закон за туристичка дејност, мора да се работи на локалните стратегии. Зошто руралниот туризам во наредните години да не ни донесе повеќе милиони ноќевања? Тоа ќе значи повеќе работни места, повеќе млади луѓе кои ќе останат и, секако, намалување на миграцијата. Тоа е една шанса повеќе. Наше е да докажеме дека туризмот може да биде во петте столбови на македонската економија, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

 

Македонија има големи туристички потенцијали. Без заедничка стратегија, не може да им ги понуди и да им ги продаде на туристите.