Секоја нова странска инвестиција значи нови вештини на пазарот на трудот


Секоја нова инвестиција за нашата земја значи развој на пазарот на труд и поголем избор на младите специјалисти од различни области за стекнување нови знаења, учење нови технологии, како и обезбедување кариерен раст, истакнува во интервју за МИА Јелица Ивановска, генерален менаџер на БМЗ Македонија, фирма преку која германски БМЗ ќе реализира инвестиција во ТИРЗ Скопје 2 со над 750 нови работни места.

Ивановска истакнува дека нашиот пазар на труд располага со млади и професионални кадри со врвен квалитет и одличен потенцијал за понатамошен развој, но оти можеме да бидеме подобри во начинот како ги едуцираме, преку обезбедување повеќе програми за вештини кои ќе можат практично да ги искористат на своето работно место.

Во продолжение интервјуто со Ивановска направено по потпишувањето на договорот на инвестицијата во седиштето на компанијата во Франкфурт.

Ќе  ја менаџирате новата инвестиција во ТИРЗ Скопје 2 што ќе ја реализира германски БМЗ.  Што значи ова за вас како професионалец и што добива државата од оваа инвестиција?

Менаџирањето со БМЗ Македонија за мене е навистина еден голем предизвик, но и (од досегашното искуство со оваа компанија) вистинско задоволство и чест. БМЗ е компанија која води грижа за своите вработени на светско ниво во смисла на обезбедување здрава компаниска култура и убава атмосфера за работа, можности за учење и стекнување нови знаења, како и можности за развој на кариерата на вработените во сите сегменти, а во склад со потенцијалот на вработените. Како и за поголемиот дел на странски и домашни инвестиции, лично сум пресреќна од одлуката на БМЗ да инвестира во Македонија, заради тоа што секоја нова инвестиција за нашата мала и прекрасна земја значи развој на пазарот на труд и поголем избор на младите специјалисти од различни области за стекнување нови знаења, учење нови технологии, како и обезбедување кариерен раст.

Како менаџер со искуство и во спроведување на други странски инвестиции, што е клучно за успешна реализација на вакви проекти, кои се нашите предности, добри страни, а кои се слабостите на кои треба да се работи за да се олеснат предвидените активности? 

Од моето досегашно искуство, најодговорно тврдам дека нашиот пазар на труд располага со млади и професионални кадри со врвен квалитет и одличен потенција за понатамошен развој. Тоа според мене е и нашата најголема предност. Да, вистина е дека можеме да бидеме подобри во делот на начинот како ги едуцираме нашите млади, во смисла на обезбедување повеќе програми за вештини кои ќе можат практично да ги искористат на своето работно место, но исто така сметам дека и во тој дел има огромен напредок како во делот на формалното, така и во делот на неформалното образование во Македонија. Во таа насока е и веќе најавената соработка на БМЗ со Владата во областа на обезбедување поддршка за едуцирање на ученици, студенти и млади специјалисти во различни области.

Ќе има ли простор за соработка со домашните капацитети и од која област?

Слично како и останатите странски инвеститори, на почетокот од нашето работење и ние ќе соработуваме со компании од услужната дејност кои ни се потребни да обезбедиме основна инфраструктура за непречено одвивање на нашите активности. Дополнително, БМЗ во своето работење соработува и со клиенти кои потекнуваат од земјите во кои работи, па имајќи ја предвид глобалната тенденција за користење зелена енергија, не е исклучено наскоро да најавиме и соработка со компании клиенти кои работат во Македонија.

Како ќе се менаџира ангажманот на потребниот кадар, со оглед на проблемот со недоволен број на квалификувана работна сила, каков кадар ќе биде потребен?

Проблемот со обезбедување на работна сила не е само проблем за Македонија, туку е глобален проблем. Како и поголемиот дел од производните компании, така и ние во најголема мера бараме вработени за во одделот на производство, но исто така имаме и потреба од кадар со кој ќе ги пополниме слободните инженерски и специјалистички позиции во делот на логистика, одржување, квалитет, процес, индустријализација, како и во делот на финансии и човечки ресурси. Нашиот процес на регрутација започна во текот на летото. Знам дека сеуште не можеме да се споредуваме со компаниите кои активно работат во Македонија, но морам да бидам искрена дека и покрај сите ограничувачки фактори во процесот на првата регрутација (годишни одмори, недостаток на работна сила на пазарот на труд, непозната компанија за јавноста и слично), без никаков проблем успеавме да ја оформиме првата група од 20 вработени кои веќе започнаа со својата обука во нашите фабрики во Германија и Полска. Процесот за регрутација уште поинтензивно ќе продолжи и во наредниот период, па јас се надевам дека успешно ќе ги надминеме предизвиците со кои сигурно ќе се соочиме.

-Што би порачале до работната сила од државава што според најголемиот дел од истражувањата планира да замине од државава?

Одливот на работна сила е навистина огромен и тоа е нешто што мене лично (и не само во контекст на БМЗ) ме натажува и загрижува. Јасно ми е дека нема порака која може било кој од нас да ја испрати, а која ќе ги задржи дома луѓето кои веќе одлучиле да си ја бараат својата професионална (па и приватна) среќа во странство. Сепак, за сите оние кои сеуште се двоумат дали да заминат или останат можам да кажам дека мојот тим и јас сме активно посветени на тоа БМЗ да биде компанија со која вработените ќе се гордеат и каде ќе им биде задоволство да ја градат својата кариера и, ако ми дозволите да бидам вистински отпимист,  да го поминат својот работен век.