Секој граѓанин ќе може да го следи секој денар од унгарскиот кредит


Преку новата Платформа за следење на проектите финансирани од Владата, секој граѓанин, секој новинар ќе има увид до каде се проектите и како се трошат парите од унгарскиот кредит, кој Владата го зеде и го распредели по сите општини за одредени проекти.

Реализацијата на проектите може да се следи на proekti.gov.mk.

„Ова е чекор напред во политичката култура, чекор во модерното управување и силна порака дека државата што ја водиме е решена да биде отворена, отчетна и да обезбеди целосен увид во тоа каде завршува секој денар од јавните средства“, тврди денеска премиерот Христијан Мицкоски на настанот што се одржа во Клубот на пратеници.

Тој додава дека оваа Платформа претставува јавен надзор над сите инвестиции што ги реализира Владата, без исклучок.

„За првпат во историјата на Македонија воспоставуваме систем во кој секој граѓанин, секоја општина, секој новинар, секој претставник на граѓанскиот сектор, и секој релевантен чинител ќе може во реално време, транспарентно и прецизно, да го следи текот на проектите што ги финансира Владата“, додаде Мицкоски.

Вели дека транспарентноста е формална обврска и суштинско демократско правило. 

„Во општество што секојдневно се соочува со лажни наративи, дезинформации и манипулации, единствениот одговор е – отворена држава со отворени податоци. Затоа оваа Платформа е секундарно технолошки проект, а примарно – политичка порака: немаме што да криеме, затоа што работиме чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните“, поентира Мицкоски.

Оваа алатка можеби најмногу ќе им користи на новинарите и медиумите, како столб на демократијата. Со само неколку кликови, како што појасни премиерот, ќе можат да го следат секој проект, секој договор, секој рок и секоја фаза на реализација.

„Од првиот јавен повик, финансиран преку средствата што ги обезбеди Владата, опфатени се вкупно 288 проекти со вкупна вредност од речиси 4,6 милијарди денари, односно близу 75 милиони евра. Денес можеме одговорно да кажеме дека сите 288 проекти се започнати. За сите се склучени договори со економски оператори“, информираше премиерот.

Од овие 288 проекти: 193 се целосно завршени, 26 се во целосно завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за уште 6 проекти тендерската постапка е завршена и нивната реализација започнува многу скоро.

Се работи за нови улици, плоштади, водоводни и канализациски мрежи, нови паркови, фекални системи, нови спортски објекти, културни содржини, нови училишта и нови градинки. Од нив, над 220 капитални проекти во инфраструктурата, над 40 проекти во животната средина, 7 во спортската инфраструктура, 5 проекти во културата, и над 10 значајни инвестиции во образованието.

„Паралелно, преку вториот јавен повик за финансирање на општините, опфатени се 828 нови проекти со вкупна вредност од 13,8 милијарди денари, односно повеќе од 225 милиони евра. И тука веќе гледаме силна динамика: над 50 проекти се завршени или во финална фаза, а за над 500 проекти се потпишани договори за нивната реализација. Тоа значи дека државата ќе влезе во уште поинтензивен инвестициски циклус. Повеќе машини, повеќе градилишта, повеќе проекти и повеќе конкретни резултати за граѓаните“, дециден беше Мицкоски.

Беше истакнато дека со оваа Платформа, се отвора следната фаза на институционална зрелост. Фаза во која државата не се брани со зборови, туку со податоци. Тоа ќе биде можност граѓаните да бидат вистински контролори на јавните ресурси.

Владината портпаролка Марија Митева најави дека Платформата и понатаму ќе се надградува.