Седми Симпозиум за естетска медицина во Скопје
Здружението за естетска медицина (ЗЕМ) денеска го организира Седмиот симпозиум за естетска медицина со меѓународно учество.
Годинашниот симпозиум се одржува под мотото „Естетика во функција на севкупното здравје“, испраќајќи порака дека современата естетска медицина е интегрален дел од целокупното здравје за пациентот.
Како што информираат од ЗЕМ, симпозиумот претставува најголем и најрелевантен стручен настан од оваа област во земјава, на кој учествуваат специјалисти по пластична и реконструктивна хирургија, дерматологија и други сродни медицински гранки. Целта на нстанот е континуирана медицинска едукација, размена на клинички искуства и унапредување на стандардите за безбедност и квалитет во естетската медицина.
Од Здружението најавуваат дека како предавачи на симпозиумот ќе учествуваат врвни домашни и странски експерти.
-Естетската медицина денес не е само прашање на изглед, туку сериозна медицинска дисциплина која опфаќа реконструктивни и регенеративни пристапи, третман на посттрауматски состојби, лузни и компликации од различни интервенции. Таа директно придонесува кон подобрување на физичкото и психолошкото здравје на пациентите, информира Здружението за естетска медицина.
Во рамки на програмата ќе се одржат и стручни предавања, клинички презентации, дискусии и практични hands-on работилници.