Се враќа во игра ветерниот парк „Вирови“, германска инвестиција вредна над 400 милиони евра

Инвестицијата беше актуелна уште во 2021. Неа ја објави тогашниот премиер Зоран Заев. Паркот ветерни електрани е на германската компанија „Впд“


Ветерниот парк кај Богданци

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја врати во игра подзаборавената германска инвестиција во областа на енергетиката која што беше актуелна во 2021 година – изградбата на голем ветерен парк „Вирови“, вреден речиси половина милијарда евра.

Мицкоски, одговарајќи на прашања на новинарите по поставувањето камен-темелник на новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто, најави нови германски инвестиции, а најголемата, како што истакна, ќе биде ветерен парк кај Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане, вредна преку 400 милиони евра. Тој додаде дека до крајот на годината, две германски компании ќе почнат да вложуваат, едната, веќе присутна во земјава, ќе гради нов производен погон, а другата ќе стартува сосема нова гринфилд инвестиција.

Иако не го спомена името на проектот, од кажаното произлегува дека станува збор за инвестицијата која беше актуелна уште во 2021 година – паркот на ветерни електрани што го најави германската компанија „Впд“ кој треба да има моќност од дури 415 мегавати. Своевремено тоа беше најавено како најголемата директна инвестиција во Македонија по независноста. За споредба, трите блока на РЕК „Битола“, кои користат јаглен, имаат моќност од близу 700 мегавати.

„За жал, четири години таа инвестиција не биле во можност да ја реализираат од причини кои не би ги коментирал сега во јавноста, ќе треба истражните органи да се позанимаваат. Но, веќе задолживме луѓе од Кабинетот што ќе ја следат на дневна основа реализацијата на оваа инвестиција која ќе значи уште еден чекор напред кон зелената транзиција, односно производство на електрична енергија од обновливи извори“, рече Мицкоски.

За потсетување, изградбата ја најави тогашниот премиер Зоран Заев заедно со германската компанија „Впд“. За оваа инвестиција „Независен“ пишуваше и претходно, по пишувањето на месечникот кој се занимава со прашања за енергија од ветерот „Виндпауер“. Германскиот инвеститор тогаш веќе имаше поднесено барање за статус на стратешки проект што ќе му даде повластен третман. 

„Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата, ќе снабдува 290.000 домаќинства со електрична енергија, а инвестицијата ќе се одвива во неколку фази. Според тогашните планови проектот „Вирови“ требаше да оди во три фази – во 2025, 2026 и 2027 година, но од причини кои не беа објавени, овој проект беше ставен адакта.

Во нашата земја до сега се во функција паркот на ветерници кај Богданци со моќност од 36,8 мегавати и приватниот ветерен парк „Богословец“ со моќносто од 36 мегавати.

Компанијата „Впд“, чие седиште е во Бремен, Германија, е една од водечките во светот која произведува енергија од обновливи извори. Таа има поставено ветерни електрани во 28 земји во светот, но повеќето во Европа. Има подигнато 2.400 ветерни турбини, кои произведуваат 5.150 мегавати. Таа поставува ветерни турбини во море и на копно. Проектите што сега ги развива „Впд“ предвидуваат подигнување ветерни турбини од 12.300 мегавати на копно и 13.800 мегавати во море. 

Инаку, Мицкоски, по преземањето на функцијата премиер, во јуни годинава најави и изградба на ветерен парк помеѓу три општини – Штип, Карбинци и Радовиш, со 55 ветерници што ќе произведуваат еден терават час електрична енергија или околу 20 отсто од целокупното производство што го има Македонија. Инвестицијата е на „Алказар енерџи“ вредна 450 милиони евра, а се очекува да проработи во 2027 година. 

 

На истата тема: 

Германската компанија „Впд“ ќе гради ветерен парк кај Куманово за 500 милиони евра