Се вакцинираа, а потоа сепак се заразија со корона! Еве колку такви случаи има во Хрватска и каква е клиничката слика
До сега во Хрватска се регистрирани 58 случаи во кои вакцинирањето се покажало како недоволна заштита од корона вирусот.
Тоа, сепак, е многу мал број во однос на бројот на вакцинирани, кои се 600, 700 илјади, објаснува епидемиологот Бернард Каиќ.
Како што пишува „Дневник.хр“, од 58 лица кои на крајот се заразиле, 57 биле вакцинирани со „Фајзер“, а еден со „Модерна“. Експертите објаснуваат дека соодносот е таков бидејќи до сега повеќето граѓани ги примале токму овие две вакцини. Симптомите – претежно слаби.
„Имаше неколку луѓе кои беа хоспитализирани откако се разболеа и откако беа вакцинирани. Јас лично знам за една личност која е во работоспособна возраст, а друите за кои знам се корисници на домови за стари лица“, објаснува Каиќ.
Ова прашање во Хрватска стана актуелно откако вицепремиерот Борис Милошевиќ вчера откри дека е позитивен на корона вирус, иако ги примил двете дози на вакцината, втората на 4 февруари.
„Благодарност до сите што ми се јавуваат и ме прашуваат како сум. Денес сум добро, подобро од вчера. Немам веќе треска, само се чувствувам малку уморно. Вакцината ме штити од појаки симптоми и се надевам дека останува така“, соопшти тој денес на Фејсбук.
Во саботата наутро, тој имаше лесна треска и други симптоми и реши да се тестира. Тестот беше позитивен. „Ќе остане во изолација и ќе ги извршува своите должности од дома, а ќе ги следи сите упатства на лекарите и епидемиолозите“, соопштија од хрватската влада, потсетувајќи дека ниту една вакцина не е ефикасна 100 проценти.
„Ова не ја намалува веродостојноста и важноста на вакцинацијата како клучна алатка во борбата против пандемијата со корона вирусот, имајќи предвид дека сите одобрени вакцини, засновани на мислењето на ЕМА и професијата, ефикасно штитат од посериозни форми на болеста и од смртен исход“, се вели во соопштението.
„Дневник.хр“ пишува дека 48 часа пред да се појават првите симптоми, Милошевиќ бил со премиерот и министрите, првично без маска. Тие ги посетиле и ромските гробишта во Устица, а подоцна присуствувале на владина седница во петокот. Неговиот возач, се дознава, е во самоизолација, додека вакцинираните контакти не мора да останат дома.
Милошевиќ беше вакциниран со „Фајзер“, чија ефикасност е 95 проценти. Епидемиолозите објаснуваат – ниту една вакцина не штити 100 проценти. Вицепремиерот Милошевиќ, без оглед на неговата лоша среќа – ги повикува граѓаните да се вакцинираат.