Се урива „Али Тобако“ на Бит Пазар


Почна уривањето на објектот „Али Тобако“ на Бит Пазар, кој со години се наоѓаше на пешачката и велосипедската патека.

Градоначалникот на Скопје, орце Ѓорѓиевски објави и фотографија на која се поздравува со сопственикот на „Али Тобако“, со коментар: „Со добар збор и домаќински пристап, нема невозможно решение!“

Отстранувањето следува откако Ѓорѓиевски, најави дека ќе се расчистуваат дивопоставените објекти кои, како што рече, го узурпираат јавниот простор и го попречуваат движењето на граѓаните.

„На Бит Пазар има едно тобако коешто невозможно е да се функционира од тоа тобако, на сред велосипедска и пешачка патека, ќе биде отстрането. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор и невозможно функционирање на граѓаните, таму ќе постапуваме. Мораме да градиме систем во кој ќе има ред“, изјави Ѓорѓиевски пред четири месеци.

Отстранувањето на „Али Тобако“ е дел од најавената акција за расчистување на дивопоставените времени објекти во Скопје, за кои градските власти најавија дека ќе бидат отстранети доколку немаат законска документација или го попречуваат нормалното користење на јавните површини.